Од Охрид за www.kulturno.mk, М.Боздоганова

Инспирирани од своите омилени цртани ликови, петтоодделенци од две основни училишта во Охрид, минатата недела ги здружија силите и заеднички создадоа математички сликовници. 51 дете заедно креираа сликовници и ја покажаа својата креативност создавајќи нови дела, секако многу вредни за нив.

 

Сликовници од петтооделенците

Во Основното училиште „Григор Прличев“ , 51 дете се дружеа и работеа заедно, под менторство на наставничките Маре Ѓорѓиеска (од „Григор Прличев“) и Виолета Петковска (од „Кочо Рацин“).

Едни од идеите на проектот беа да се поттикнат желбата и интересот за креирање сликовници, да ги унапредуваат вештините на оригинален и забавен начин. Учениците да размислуваат и да разговараат за идеи за наслов, име, илустрирање корици, текст и илустрации. Во сето тоа најинтересен е начинот на кој им се доближува математиката, да пишуваат и решаваат  математички задачи, а притоа се развива иновативно и логичко мислење. Секоја група си ги презентира математичките сликовници и ги споделува своите сознанија за теми што сами ги одбирала.

– Учениците работеа во девет групи. Измислуваа по три задачи или проблем-задачи поврзани со темата или суперхеројот. Тие задачите ги решаваа со мерење, размислување и споредување. Со лупа пронаоѓаа мапа и пресметуваа решение на должини со единици мерки – објаснуваат креативните наставнички, кои ја препознале и овозможиле оваа иницијатива, желба и креативност на децата да вроди резултат.

Крајниот резултат, цртежите и сликовниците на вредните ученици и наставнички беа изложени пред основците од Охрид.