На Скопскиот филмски фестивал вечерва проекција на „Види ја ти неа“

Македонскиот филм “Види ја ти неа”, на шестиот филмски фестивал во Виена “LET’S CEE”, викендов ја освои четвртата Гранд при награда. Оваа награда е уште една од низот меѓународни награди на ова македонско филмско дело.

Членовите на жири комисијата едногласно го избрале македонскиот филм за најдобар. Им се допаднала невообичаената приказна за неконвенционална, млада девојка во машки свет, која ги излудува сите со цел да биде слушнат нејзиниот глас. Исто така им се допаднал и комичниот факт дека таа сака да го фати крстот за Водици за да добие телевизор за најзиниот болен татко.

Горан Столевски

Филмот беше прикажан и на 38. Интернационален фестивал на филмска камера “Браќа Манаки“ каде ја освои наградата “Мала камера 300”, по што следуваа престижните фестивали во Санденс каде му беше доделена наградата Најдобар Интернационален краток филм и  40.Клермон-Феран фестивал за краток филм-најпрестижниот фестивал на светско ниво посветен на краткиот филм, па 23. Кино Павасарис-Интернационален филмски фестивал во Вилниус, 65.Мартовски фестивал-Белградски фестивал на документарен и краток филм каде што освои Гран при  во категоријата игран филм.

Инаку, скопската публика ќе има можност да го гледа кратометражниот игран филм „Види ја ти неа“ како дел од програмата на 21-от Скопски филмски фестивал вечерва од 19 часот во киното Милениум .

Покрај Сара Климоска играат и Игор Ангелов, Пируника Киселички, Антонија Белазелкоска, Милица Стојанова, Жарко Јовановиќ, Иво Антов, Виктор Арсов, Симон Манасковски, Изабела Новотни и Горан Илиќ.

Сценариото и режијата за филмот се на Горан Столевски.