Светскиот ден на литературата и авторското право одбележан ширум Македонија

Со читање на македонската и светската порака, подарување на книги и цвеќе, со доделување на награди од литературните конкурси, вчера се одбележа светскиот ден на книгата и авторското право по УНЕСКО, ширум цела Македонија.

 

Бабино

Во селото Бабино, токму по тој повод, од Управата за културно наследство на тамошната библиотека и подарија 40 изданија од едицијата „Најзначајните вредности на културното и природното наследство на Рпублика Македонија“.

 

Во Крива Паланка, настанот беше одбележан со презентација на постојниот книжен фонд, стручни наслови, белетристика, лектирни изданија и книги за деца од библиотеката „Кочо Рацин“. Во Ресен пак, светскиот ден на книгата беше одбележан со доделување на наградите кои победија на конкурсот на тема „На крилјата на книгата патуваме низ времето“ за учениците од основните училишта. Беа доделени две први награди, една втора и една трета награда. Битолската библиотека настанот го одбележа заедно со ученици од основни училишта како и со деца од градинките. Тие со своја програма заеднички им го честитаа денот на библиотекарите. Во Струмица пак, денот беше одбележан со читање на домашната порака како и светската порака од генералниот директор на УНЕСКО, Одре Азуле.

Одри Азуле-Директорка на УНЕСКО

Во Скопје, светскиот ден на книгата се одбележа во НУБ „Св. Климент Охридски“ во присуство на голем број вљубеници во пишаниот збор. Пораката која ја испратија сите, и надлежните и директорите на културните институции од цела Македонија беше речиси иста – “Да се доближи книгата и пишаната литература до читателската публика, до сите граѓани и да се привлечат поголем број читатели за да може книгата да го добие местото кое го заслужува“.

Инаку на 23 Април се одбележува Светскиот ден на книгата и авторските права, кога се промовира читањето, објавувањето и заштитата на интелектуалната сопственост по пат на авторските права. Идејата потекнува од Каталонија, каде на 23 Април на денот на католичкиот празник Свети Јурја, традиционално се подарува ружа за секоја подарена книга, традиција која трае скоро 100 години. Се смета дека токму оваа дата е избрана, затоа што на 23 Април како повод е земена и смртта на великаните на свестската книжевност Мигуел Де Сервантес и Вилијам Шекспир. Овој податок се поврзува и со оној на одбележување на денот на книгата во Каталонија. Одлуката да се одбележува овој ден како светски ден на книгата и авторските права е донесена на општата конференција на УНЕСКО, одржана во Париз 1995 година.