Театарската претстава „Ромео и Јулија“ во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски ја доби највисоката театарска награда во Турција. Театарскиот „Оскар“ на ансамблот му беше доделен на гала-свеченоста на турската академија „Афифе Зале“, одржана во понеделникот во Истанбул. Театарските „Оскари“ се најпрестижната театарска манифестација во Турција.

Претставата „Ромео и Јулија“ е во продукција на Националниот театар од Турција, а во уметничката екипа, покрај професионалци од Турција, од Македонија учествуваа и композиторот Горан Трајковски, кореографката Олга Панго и асистентот на режија, Атила Клинче.

Премиерно претставата на Пројковски беше изведена есента минатата година на сцената на Националниот театар во Истанбул и веднаш постигна одличен успех и кај публиката и кај критиката со најмалку 14 претстави месечно на театарската сцена.

Многумина критичари и оценувачи на театарската уметност, претставата „Ромео и Јулија“ од Дејан Пројковски ја карактеризираат со еден единствен збор -СОВРШЕНА.