Поетот се обидува да ги ископа сопствените канали, пештери на постоењето или пак да постави вонземни скалила кон возвишеното постоење

Никогаш не се сретнавме(барем досега), но следејќи го на социјалните медиуми, неговите објави и по некој негов поетски стих, ме натераа да направам едно интервју со авторот, но пред се поет Митко Гогов.

Пишува Т.Гогоска

Mитко Гогов е роден во Скопје, Македонија. Пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, Кина, Тајван, USA, Аргентина, Русија, Шпанија, Италија, Чешка, Романија, Германија, Израел, Мексико, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Грција, Бугарија… Актуелен со неговата стихозбирка Ледена вода издадена во Србија (2011), во Македонија, во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа Антолог (2014) и наскоро во Бугарија, в издание на издавачката куќа Scalino.

 

 

Концептуален уметник со неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија … Младински работник и граѓански активист. Претседател на здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, организатор на глобалната поетска манифестација „100 Илјади поети за промена“ во Македонија, претставник на Светската унија на поети и Школата за поезија – Делегација Македонија, основач на наградата „Антево слово“ која се доделува во Сицилија, Италија и еден од востанувачите на наградата „Антево перо“, уредник на strumicaonline.net и reper.net.mk.

 kulturno.mk : Најнапред што ми доаѓа да те прашам следејќи ги твоите настапи, коментари награди е: Дали Митко живее за поезијата или ја живее поезијата?

Разговорот би го започнал со поставување прашање на прашањето: Може ли односот да биде едностран? Во истата секунда ми навираат десетина форми на оваа формулација на истото прашање поттикнати од тоа дали се живее од поезија, колку поезијата е мој личен двигател во животот, каков би ми бил животот без поезија, зошто поезија и тн. Сепак, сметам дека сите овие насоки водат кон едно многу посуштинско и за мене подлабоко прашање, прашање кое би требало да си го постави секој жив човек на планетата земја: Дали е потребна поезијата како книжевна форма за човекот да ја спознае својата духовна и ментална вертикала? Секако, за мене поезијата од секогаш била „божја алатка“ или дар кој малкумина можат да го осознаат и да го доживеат во својата примитивна, првобитна состојба и намена. Пред сѐ, таа е момент, состојба, медитација во која авторот се обидува да ги ископа сопствените канали, пештери на постоењето или пак да постави вонземни скалила кон возвишеното постоење, причината зошто сме овде и која е нашата цел или мисија во животот. Поетите се овде за да го кажат тоа што другите го чувствуваат, мислат, доживуваат, но ретко кога можат со сопствени зборови да го артикулираат, искажат. Јас во целост живеам од, со и за поезијата, а неретко знам да кажам дека постои некоја неретко необјаснива магија во оваа форма во која освен тоа што поетот тоа го зема како свој личен избор, тоа го прави и поезијата, и таа судбоносно избира кој да биде нејзин гласноговорник, кој да биде поет на општеството, на светлината, на љубовта, на убавините кои обичниот човек ги занемарува, заобиколува и „немарливо“, речиси несвесно ги пропушта.

kulturno.mk Од кога поетскиот стих ти стана уметнички исказ?

Класичниот “клише“ одговор слушнат од илјадници автори ширум светот е искрен и точен, но вистина, започнав со пишување уште како многу мал. Нормално, не веднаш штом научив да пишувам, оти во тоа време учев и да бројам, сметам и пресметувам, сакав да играм на улица, ги обожавав посетите на бабите и дедовците на село, но, да кажеме дека интересот кон поезијата, моите први настапи за училиштето и првите објави во детстките списанија од моето детство датираат баш од периодот од првата половина на моето основно образование. Од тогаш до денес, со мали паузи, интересот кон оваа литературна форма е во постојан раст, со амплитуди кои на моменти го допираат небото, а на моменти се спуштаат до центарот на земјата. Поезијата не го остава авторот мирен, сама по себе може да биде лековите и хармонична за читателите, но верувајте, оној позитивен немир во авторите е тоа што барем мене лично ми пркоси да го игнорирам фактот дека секој ден е убав да се чита и да се пишува поезија.  

kulturno.mk Што имаш зад себе во морето на поетски напливи? Книги, настапи?

Засега имам само една поетска книга, насловена „Ледена вода“, за која рецензенти беа Јасна Котеска, Ацо Гогов и Славица Гаџова Свидерска, а одличната „наместо биографија“ ја напиша Иван Антоновски и истата може да се најде во книжарите на „Антолог“ и неколку други во Скопје. Досега сум застапен во неколку антологии, избори, списанија, магазини, најчесто се обидувам да ги следам, затоа што поезијата еднаш пуштена надвор меѓу читателите, речиси е невозможно во целост да се следи каде одлетала. Настапи засега имам само на територијата на Европа, еднаш бев и во Белорусија, но за жал поканите за поетски фестивали во подалечни места како Египет, Аргентина, далеку на истокот за мене се финансиски невозможни, нашата држава сѐ уште нема воспоставен систем во кој насоката не би била ние како автори да бараме можност да се претставиме, а со тоа и Македонија, туку обратен, самите институции да се погрижат ние да бидеме таму каде што сме поканети!

kulturno.mk – Која награда ти е највредна за тебе?

Секој автор кој пишува сака да добие и по некоја награда, наградите се на некој начин единствен стимул за нашата работа, како и позитивните коментари и топлиот аплауз на публиката која се соживеала со напишаното, во тој контекст можеби тоа би било и најголемата награда за мене како поет, инаку, драги ми се и наградите добиени во Македонија и оние добиени надвор, но помила награда од тоа да стекнеш читател повеќе или интерес од специфичен, професионален критички ум е далеку поголема од било која материјална награда која само го забетонирала квалитетот кој секој од нас поединечно го поседува. Награда за мене е да научам повеќе да љубам, да почитувам, да разбирам и сето тоа на суптилен, уникатен начин, со помош на изразот кој го користам да го извадам од одаите на мојата инспирација и успешно да го извадам од мене, пред мене, да го ослободам и успешно да го презентирам пред читателот кој во мојот случај е светост – меч и медовина истовремено.

kulturno.mk – Каде е поезијата во македонската култура?

Онаму каде била секогаш, ни горе, ни долу, а не е ниту по средината. Проблематично е ова прашање од многу аспекти, а и самото позиционирање на поезијата на македонската книжевна сцена зависи од многу взаемно испреплетени моментални состојби, кои не зависат исклучиво од интересот на читателите или пак вниманието кое го посветуваат самите издавачи на оваа книжева форма. Културните политики се така поставени да книжевноста се третира недоволно, речиси мизерно, а тоа верувајте не е нешто што може да се промени преку ден, туку е потребен пристап кој стратешки е далеку подобро осмислен и навистина ќе има за цел да ја подигне не само поезијата, туку книжевноста како цело на повисоко ниво. Но како што споменав, за промена на оваа ситуација потребни се многу дебати, конференции, а пред сѐ поголема отвореност на самата држава за да се создаде слика која ќе биде поприфатлива за сите, во другиот случај авторот е немоќен да промени нешто тектонски, неговата задача е тоа да го направи додека создава одредено дело.

kulturno.mk – Кога би имал можност нешто да промениш, што би било тоа?

Би продолжил со одговарање на прашањето од погоре, но во функција на културен работник, човек кој повеќе од една декада е дел не само од книжевната сцена, туку и од граѓанскиот сектор, посветеник кој е исклучително стручно фокусиран на културата како целина. Сите форми на уметноста се тоа што го прават еден народ, една нација препознатлива и различна од другите, уметничките форми ја кодираат нашата традиција во историјата, делата кои ги оставаме говорат за времето во кое живееме, за проблемите со кои се соочуваме, но истовремени и за промените кои ни се нужни. Така, не би се фокусирал премногу на лоцирање и дијагностицирање на проблемите со кои секојдневно се соочуваме, тоа веќе од поодамна го направивме, туку во  давање на конкретни предлози, идеи и можни решенија за подобрување на таквата лимбо ситуација. Статус кво ситуацијата ја гуши мотивацијата, преголемото критизерство исто така, за да не ја повторувал само би посакал да има поголема критичка маса која сериозно “ќе си плукне на рацете“ и ќе се зафати со конретни чекори за подобрување на односот меѓу авторите, издавачите, институциите, бизнис секторот, читателите… Постојат многу празнини кои можат да се пополнат, дупките се убави само во квалитетен кашкавал, додека ги има во културата таа покажува ефект на зомби, а знаеме дека тоа не е нешто што е живо, туку нешто што живее како афект, како сенка, како желба да биде тоа што некогаш било или сакало да биде, но е поразително, затоа што во принцип не знаеме дали е така, не сме го посведочиле. Потребно е младите да се мотивираат многу повеќе, не само уште во претшколска возраст, дома, но и во образовните установи, како и со воншколските активности да посветат поголемо внимание на литературата и уметноста воопшто, очајни се оние родители кои бараат тетратки со веќе обработени дела, наместо тие да бидат “зупчаникот“ во расипаната машина, оние кои ќе ги поттикнат да се нурнат во придобивките на очовечувањето на сопствените деца, во нивната едукативна и еманципаторска должност и важноста да се воспостави тој нераскинлив однос со формите на уметноста, затоа што таа не може да наштети, туку спротивно, да го облагороди оној кој решил да се посвети и да го отвори својот светоглед кон непознатото.

kulturno.mk- Со што си окупиран најмногу приватно?

Последните неколку години успеавме во Струмица со нашето здружение „Контекст“ да организираме 12 Роднокрајни поетски средби“, неколку промоции на македонски и странски автори, писатели, поети, стрип автори, како во мојот град така и во Радовиш, Гевгелија, Штип, Скопје, Кавадарци, годинава го реализираме 8-то издание на меѓународната поетска манифестација „100 Илјади поети за промена“, овде се публикувањата на зборниците поезија кои се промовираат или како печатени или како online изданија, тука се и конкурсите во кои се наоѓам или како организатор или како член на жири комисијата, преводите, гостувањата, за мене и приватното е она исто што и професионалното. За мене не постои приватно и професионално, така не постои и работно време затоа што ја имав можноста да се занимавам со тоа што ме исполнува, така во моментов поголем дел од времето посветувам и на антологиите на кои ги уредувам, Балканската антологија на која работам со мојот колега поет од Грција Сотириос Пастакис, како и на антологијата која е наменета за членовите на Акслепин групацијата, која треба да излезе во Филипините, а ја уредувам заедно со бордот на директори на Axlepin Publishing. Секогаш кога не сум посветен на ова се обидувам да си дадам време да разговарам со пријателите темелно, на долго и широко за темите кои ни “одземаат дел од убавината“ или пак да и се предадам на природата, на воздухот, тишината. Не спортувам, но затоа часовите посветени за физичка кондиција ги заменувам со активно следење, вклучување и решавање на културолошките и општествено-политичките аномалии на општеството. Не знам дали споменав, но кивата годинава повторно пушти премногу гранки и плод, па ќе треба да се позанимавам деновиве и со градината.

kulturno.mk -Ти поскауваме успеси а и очекуваме некоја вкусна кива во нашата канцеларија!