„Скриено катче, таинствено ќоше, само за шега за игра и за песна…ДАЈТЕ МУЗИКА, ДАЈТЕ МУЗИКА, ДАЈТЕ МУЗИКААААА „

Емотивна средба на сценаристот на серијата Татјана Гогоска и дел од јунаците на серијата!

Секвенца од најавната шпица

Малкумина ја имаат среќата во својот професионален развој да работат нешто со толку многу љубов и тоа да трае. Некое време размислував како и каде да ги најдам “моите“ деца од серијата „Дајте музика“.

 

 

 

Поминаа 23 години кога го промовиравме второто продолжение, тие веќе пораснаа и си заминаа од Детската Радио Драма. Јас работев со многу нови „клинци“, но доживувањата со нив, останаа незаборавени.

И, како велат кога нешто многу сакаш, кога ќе треба, Универзумот ќе ти помогне да се оствари. Една, две средби и ете тука сме. Барем дел од нив. Вчеравечер емотивна средба, со многу насмевки на вечерината на 1 јуни -Меѓународниот ден на детето.

Се појавуваа со насмевка на лицето, многу од нив доцнеа, обврски, млади родители и слично, ама се собравме. Има уште деца и поканата за да ни се придружат е отворена.

 

Како да одговорам дали земјата се врти, кога не сум видел!

 

Трајче, сега веќе татко на две деца од шест и година и пол. Во професијата од мобилна телефонија се префрлил на земјоделие…станал градинар претпремач.

 

 

Најдолго останал во драмските води со синхронизација на серии, мали улоги, два неуспешни обиди да се запише на Драмската Академија, но не разбравме дали научил дека сепак земјата се врти. За него велам дека е штета за македонската глумачка сфера што го нема во своите редови. Талент кој ретко се повторува, но животот понекогаш не ги остварува соништата. Со нетрпение чекам проекција на филмот „Исцелител„ под отворено небо на 6-ти јуни, глумел во некоја сцена!

Наташа – Како и од времето на снимањата Наташа до Трајче, позитивна сега многу повеќе од времето кога беше малата Наташа која за се нешто се бунеше. Вчера признаа машките дека и ќотек јаделе од неа. Сега насмеана, смирена, млада мајка (дојде со нејзината ќерка ,многу мирна ,на кого ли е?). Работи во Меѓународна маркетинг агенција. Имала неколку обиди за водителство, но сето тоа останало како остварени детски соништа.

Виктор– Нашиот Виктор, со многу реплики на снимањата, кои редовно ги учеше до крај. Дипломиран археолог со десет годишно искуство во Македонската археологија која и баш нема отворени врати за младите што сакаат да го работат тоа. Сега работи како логистика во една фирма. Сеуште, но како што вели уште малку со статус -сингл. Деновите од снимањата, летувањата, излетите врежани во меморијата на убавото детство.

Марија– малата осум годишна Марија, која е веќе мајка на три деца! Две девојчиња и едно машко. Не дека сакале трето па машко, едноставно сакале три деца. Работи во своја канцеларија за судски преводи. После детството многу малку дури воопшто не се занимавала со глума,но и за неа тие спомени се најубавото нешто што и се случило во детството и посакува секое дете да има доживеано барем малку.

 

Горан– Најмалиот Горан, кој сега не можев да го препознаам. Единствено е иста позтивната мирна енергија кај него. Работи како финансов менаџер во Италијанската поликлиника после завршување на студиите во Италија. Средбата со него беше иницијална каписла за оваа средба на која сите уживавме на свој начин. Тазе во брачните води, и  со многу насмевки на лицето.

 

 

 

Раде- Мирниот, шармантен Раде, кого пак, во овие 23 години неколку пати сум го сретнала. Ја живее првата година од бракот, сеуште ја има истата насмевка на лицето и истиот поглед. За себе вели дека 12 години работи во странска фирма за шпедиција и дека не сака многу промени. Постојното и сигурното му е најубаво.

 

 

Мими– не беше со нас цело време, но доволно спомените од снимањата да и останат во најубавите сеќавања. Работи во Маркетинг агенција, мајка е на едно преубаво двегодишно синче се дружи со Марија и така си спомнуваат и им раскажуваат на децата за нивното детство.

И на средбата дознав дека сепак тие се во контакт, Раде и Наташа, Трајче со Виктор, Горан со Наташа и Раде …всушност ги живеат своите животи преплетени со спомените од детсвото.

Нашата средба беше со причина и повод. Кога им ја кажав мојата идеја, сите со радост ја прифатија. Но, засега не ја откриваме. Само порачуваме дека ќе покажеме дека уште можеме, сакаме и ако успееме некоја искра во медиумскиот простор да подгрееме, за да не остануваа овие генерации сиромашни за вакви серии, кои имаат траен  позитивен белег, ќе биде супер.

ВИ благодарам деца на средбата и вашата среќа што ја видов, затоа  што таа е најважна!