Како да се менаџира уметноста и работата на културните институции?

На оваа тема на  5 и 6 јуни во Скопје, ќе се одржи Arts Symposium (Симпозиум за менаџмент во уметноста), во организација на  Амбасадата на САД во Република  Македонија, во соработка со Министерството за култура на Република Македонија и ЗГ Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата од Скопје.

Целта на овој Симпозиум е да овозможи платформа за размена на искуства и знаења за успешно менаџирање со културни институции во земјата, кои несомнено недостасуваат во нашава држава.

Програмата е наменета за менаџери во уметноста кои се стремат кон понатамошен развој на своите лидерски, менаџерски, финансиски и организациски вештини. Програмата ќе обезбеди алатки за креирање, развој и евалуација на културните програми и како и најдобри практики за транспарентност и раководење.

Покрај тоа, Симпозиумот ќе обезбеди локална експертиза за градење на средина која ќе ја поддржи филантропијата и корпоративната општествена одговорност и за правната рамка за градење на јавно-приватни партнерства. и на него  ќе присуствуваат околу осумдесет културни работници и експерти од Македонија.

Предавачи на симпозиумот ќе  бидат гостите од САД Авива Розентал – заменик директор од Канцеларијата за меѓународна соработка при музејот Смитсониан во Вашингтон, Филип Хорн – поранешен извршен директор на Советот за уметност од Пенсилванија и Ален Наус – актер и некогашен директор на Театарот на Уметниците во Портланд, Орегон.