Фото: Маја Јаневска Илиева

За www.kulturno.mk разговорот го водеше Т.Гогоска

kulturno.mk – Колку е горда Марија на Колибри?

Многу сум среќна што дојдовме до оваа бројка за почит – 60 години постоење на единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат, во што и јас „замешав прсти“. И да, горда сум, што и кај нас, по угледот на големите светски весници се води грижа и за најмладите читатели, се негува нова читателска публика, која кога ќе порасне ќе чита весници, книги, ќе оди напред со широко отворени очи. Горда сум што изминатава деценија и кусур му помогнав на ова птиче, на брзото, љубопитно и пробивно „Колибри“ да продолжи да лета и да допре до многу детски срца и до оние кои се грижат за децата. Шеесет години да постоиш во македонскиот дневен печат е голем успех и освен матичниот весник „Нова Македонија“, кој што не изнедри, ретко кое печатено издание е постаро од нас.

Фото-Горан Анастасовски-Колибри кидс Академија

„Колибри“ е креација на поетесата Евгенија Шуплинова, која долги години се грижеше за овој единствен додаток за деца, што првпат се појави на страниците на „Нова Македонија“ на 8 јули во далечната 1958 година. Потоа свој печат даде и писателот Перо Миленкоски, а свој белег остави и поетот за деца Наум Попески. Со многу љубов, повеќе од една деценија прилогот го уредувам јас, па иако годинава го одбележуваме 60-от роденден, воопшто не се уморивме. Напротив, и во иднина, како и досега сакаме да бидеме украс на детството на многу момчиња и девојчиња.

kulturno.mk– Како те донсе патот да бидеш главен уредник на „Колибри“?

Животот понекогаш сам ги реди коцките, а така беше и во мојот случај. Кога стоев на еден мој професионален крстопат, кога по 20 години поминати во весникот „Вечер“, добив понуда јас да му го вратам животот на „колибри“од мојата добра пријателка и колешка Лидија Аневска, мојата прва реакција беше:„Ама како јас ќе го направам тоа?“ Таа ми одговори:Ќе го правиш како да се во праашње твоите деца и навистина до денеска се уште е така, бидејќи секое „Колирби“ и од пред две години маагзинот „Колибри+“, го уредувам како да пишувам за мои деца. И искрено, „летањето“ со „колирби“ ме подмладува, но истовремено ме прави и посилна, па верувам дека и во иднина ќе уживам во уредувањето на неговите страници.

Приватна архива на Марија Таушанска Анастасовска

kulturno.mk- Што било за тебе најголем новинарски предизвик до сега?

Можеби ќе звучи како клише, но секој нов ден за мене е нов предизвик. И знам дека се додека брзам уште вечерта да го купам весникот за да видам како излегол мојот текст, додека среде ноќ станувам да запишам некој наслов или интересна идеја, тоа значи дека и по 30 години и се радувам и уживам во работата. Иако често во нашата професија не цветаат рози, понешто мора и да се проголта, премолчи, за нешто да се замижи, но некогаш и да се реагира на неправда или да се одбие некоја „нарачка“, новинарството за мене е се уште убава професија, а неизвесноста и стресот се тука да не држат будни.Но кога ќе видам дека луѓето ги врамуваат интервјуата што сум ги напишала, или ги чуваат во паричникот, кога по дваесет години ќе ме сретнат и ќе ми го кажат насловот на текстот што излегол за нив со мој поптис, знам дека сите жртви вределе. И очекувам дека најголемиот предизвик допрва ќе го доживеам, бидејќи за перото, нели, нема старост. Тоа може да биде само поостро и попрецизно од многу пишување.

Марија со децата во Блатец

kulturno.mk- Многу емотивно ги правиш интервјуата со наши познати културни дејци. Од каде доаѓа тоа?

Емотивноста е дел од мојот карактер, а тоа ете се чита и во текстовите, но се разбира дозирано. Кога се подготвувам за некое интервју се трудам како за на испит, бидејќи соговорникот треба да почувствува дека си запознат со неговата работа. Секоја средба со креативците за кои сум пишувала е приказна за себе, бидејќи се создава чудесен флуид меѓу нас, а тоа, пак, ги отвора луѓето да си кажат што имаат на душа. Имало и ситуации кога некои од нив заплакале, реагирале емотивно, а тоа не може да не остави трага во пренесувањето на хартија на моите впечатоци. Секако,голем дел до моите соговорници ги знам со години, ги следам нивните кариери,а големо задоволство да пишуваш за луѓе кои ги почитуваш. Имало и многу први интервјуа со млади таленти, кои израснале во вистински ѕвезди, но, за жал, и последни сведоштва за животот на наши познати личности.

Марија со децата во Крушево

kulturno.mk – Имаш ли неостварени желби во новинарството?

Секако дека имам, иако во овие триесет и повеќе години многу се напишало. Сега мислам дека е ред дел од тој мој труд да се собере во една книга, во која би се нашле најубавите текстови,репортажи, интервјуа, што оставиле трага не само во мојата професија, туку и во многу животи. А по таа книга, верувам ќе дојде и втора, трета….

Три генерации Колибри-Перо Миленковски,Марија Таушанска Анастасовска и Филип Димкоси

kulturno.mk- Кога би имала можност, што би сменила во него?

Кога би имала некое волшебно стапче, најпрво би ги натерала луѓето, особено младите повеќе да читаат. Весниците да ги вратат „златните“ тиражи, да се пишува повеќе за она што е вредно, а помалку за нечија долна облека. Би сакала да има повеќе случувања, фестивали, промоции, концерти, гостувања, побогата културна понуда, а со тоа и ние би имале повеќе материјал за нашите стории. И би направила ниеден текст во јавноста, било на портал, во весник или друг медиум, да не излезе нелекториран и секој податок убаво да се провери пред да се објави. Би  сакала македонскиот литературен јазик да биде Библија за сите кои живеат од пишување.

Приватна архива на Марија

 kulturno.mk – Приватно Марија, како се чуствуваш во својот дом ,опкружена со тројцата „мажи“ на твојот живот?

Моите дечки-вели Марија

Мојата безбедна зона секако е моето семејство. Сопругот Илија и синовите Никола (26) и Филип (21) се моето најголемо богатсво. Благодарна сум им што максимално ме поддржуваат во сите мои професионални ангажмани, иако, чeсто, добронамерно ми префрлуваат дека претерувам во мојата посветеност и желба се да направам на време и како што треба,бидјеќи понекогаш тоа не се валоризира според очекувањата и онака како што е ред. Сите тројца, помалку или повееќ,с е поврзани и со „Колибри“, често ме возат некаде, фотографираат,советуваат. Во нашата домашна печатница ми печатат разни материјали,се разбира „гратис“ и никогаш не рекле „не“ за реализрање на која било моја идеја. Им благодарам на трпението што секоја недела му ја посветувам на „Колибри“, што често на празници не сум дома, па и на неки важни семејни случувања. Им благодарам и на неизмерната љубов што ми ја даваат моите моци, а јас се трудам тројно да им ја возвратам, бидејќи тие се моите најдобри и најобјективни судии, на кои бескрајно им верувам.

И на крај еден спомен од убава дружба и служба со авторот на интервјуто на Работилницата за дизајн и визулени уметности во Вевчани 2015-та година.

Во Вевчани, утринско кафе