Еден топол јунски ден, иако не се разбравме дали треба да се најдеме во Амигос или во Мексиканскиот ресторан, на улица наша Македонија, сепак се сретнавме и поминавме два прекрасни часа во прикажување со единствениот Благоја Чоревски-Чоре.

Да го наречам глумец – малку е, да го наречам – драмски уметник и тоа е малку, да го наречам културен работник – и тоа некако не ми изгледа убаво, затоа ќе го претставам едноставно како ЧОРЕ.

Разговорот за www.kulturno.mk го водеше Татјана Гогоска

 

Се гледа кој зборува а кој слуша

kulturno.mk- Те знаев од сцена и телевизија пред да те запознаам лично во “далечната ” 198 и некоја. Отсекогаш сум сакала да ти кажам дека во реалноста си онаков каков што  замислував дека си и пред тоа. Тоа е Чоре?

-Најверојатно е така! Јас сум обичен човек, кој ја имал еден посто Божјата дарба, и со 99 посто работа и само работа успеав да се одржам во оваа професија и да оставам многу зад себе. Но, имам уште многу да и понудам на публиката.

Убаво е човек да е едноставен. Професијата ми овозможи да бидам во илјадници ликови, да откривам некои мои скриени страсти, потреби и чувства. Да си остварувам желби, да бидам некој друг а сепак свој. Глумата ми го овозможи животот а во него сум само јас, тој едноставниот човек Чоре! И кога повторно и по којзнае кој пат би се родил таа е мојата определба, мојата душа и за ништо на светот не би ја менувал.

 

Можеби е чудно но како дете секогаш сум бил намрштен – Во паркот пред кафаната Кермес

kulturno.mk На снимањето на емисијата од серијалот “Моето детство”, откри како растеше Чоре. Да се потстетиме уште еднаш. Што ја определи твојата професија?

-Јас растев во, зад, под,и за театарот. Татко ми Трајко беше првенец на Македонскиот народен театар од 1945-тата година од неговото основање, кој за жал замина од овој свет многу млад на свои 34 години. Сепак  остави во целото наше семејство огромна трага и незаборавни спомени. Мајка ми Ратка почна да работи како актерка во Битолски театар. Од таму и таму не растеше и се грижеше за нас. И после сето тоа неизбежна беше мојата определба а и на мојот брат Борис -актерството. Тоа е нашиот семеен живот и затоа сум многу горд и среќен што ќерката на Борис а мојата внука Илина, влезе во актерските води, за фамилијарата традиција да продолжи.

 

Младата актерка Илина Чоревска ја продолжува семејната традиција на Чоревци

 

Мене и брат ми не чуваа и се грижеа за нас сите во театарот. Инаку мајка ми Ратка , пред да се родам јас работела во театарот, но се откажала од него додека татко ми беше жив. Потоа таа се врати во театарот затоа што мораше да работи. Мирисот на платната, старите греди, костимите, шивалната, гримиорната беа првите места каде  јас и брат ми Борис си игравме и растевме однапред определени за оваа професија.

Со татко ми Трајко позади старата зграда на МНТ

 

kulturno.mk – Со децата од сцена си извонреден. Сум те гледала можеби и стотина пати. Каков си со твоите деца, внуци?

-Јас ги обожавам децата. Со нив и јас сум едно големо дете, затоа што секој од нас го носи детето во себе, некој повеќе а некој помалку. Мојата ќерка Ана, ни ја подари нашата љубимица внука Гала. Некако цело време имаме мало дете дома. Се роди нашата Ана, после 14 години се роди нашиот син Мартин , потоа дојде и Илина  ќерката на Борис, потоа нашата внука Гала.

 

Ќерката Ана и внуката Гала

Така семејството се зголемува и со тоа се збогатува. Посакувам уште внуци. Нека се шири и дополнува. Јас и со нив сум само Чоре.

Вујкото Мартин со љубимицата Гала

kulturno.mk -Од страна гледано со ист жар играш и за возрасни и за деца: Што е твој најголем професионален порив?

-Артистот ако игра само еден жанр тој е ограничен и не е целосен. Артистот мора да игра со ист жар и за деца и за возрасни, и главни улоги и споредни. Треба да е тоа дел од него, зошто тоа му ја дава моќта на трансформацијата. Јас не двојам. Која улога ќе ја добијам ако ја играм, ја играм целосно. Кај мене нема импровизации, сега ја играм оваа улога ама сакам таа другата, па оваа ќе ја изиграм туку така. Тоа кај Чоре го нема!

 

kulturno.mk – Улога што не си ја заборавил од театарот, телевизијата или филмот?

 

 

 

 

– Ниедна улога не сум заборавил. Во секоја улога има барем трошка од мене и не можам да ја заборавам. Кога би набројувал би испишале многу страници, но за мене секоја улога дали е главна, репризна, мала или само протрчувам на сцена макар и на минута, за мене секоја улога содржи дел од мене. Дали играв Волкот во Театарот за деца, дали играв во Буре Барут, дали снимав Хихирику за Македонскот радио, серија Салон хармони или која и да било ..во секоја од нив има малку од Чоре. И затоа ништо не заборавам и се е за мене важно.

kulturno.mk – Каде тие – улогите те однесоа сите овие години?

– Со мојата професија, мојот живот ги пропатуваав сите континенти, сите држави и многу градови. Заиграв на многу сцени пред илјадници публика и секој настап, секоја секвенца, паметам се затоа што тоа е мојот живот.

Слика од Димитар Кондовски- Кумот Петре Прличко и татко ми Трајко Чоревски

Глумата од мали нозе ме внесе во магичниот живот на познатите – “славните”, оние кои ја имаат Божјата дарба, но и силна љубов кон оваа професија.

Мајка ми – Ратка Чоревска

Мојот кум Петре Прличко често ме потсетуваше на тоа како било кога сум се родил и како ми го дал името, иако некогаш велеше дека заради празникот Благовец, а понекогаш дека го носам името на дедо ми. Како и да е, сите тие големи луѓе, настани, семејството, ме определија мене,  пред се како личност  а потоа како актер.

 

 

kulturno.mk – Многу си ангажиран и како што велиш добро е што е така. Што работи Чоре сега?

-Работам и работам! И секоја нова понуда за театар или филм ми дава нов мотив, нова сила. Си велам, ДА имам уште да покажам. Многу носам во себе и сакам да го споделам со публиката, каде и да се наоѓа. Играм во претстави во Драмски и МНТ, во овој период читам две сценарија за филм ..сеуште не откривам кои се. И тука сум, насекаде во мојот свет и со луѓето што го сочинуваат него.

 

kulturno.mk- Место Чоре, за приватниот Чоре ќе ја прашаме Магдалена неговата животна сопатничка, која ни се придружи на средбата

Разговорот мораше да се запише со заедничка фотографија

Mагде, како што таа умее да каже ни вели: Ќе ми требаат години да кажам се и можеби да напишам неколку романи. Но, најкратко со многу трпение и мудрост се живее убаво со Чоре! Во секој случај е единствен и ја има најдобрата човекова особина, на која постојано ме потсетуваше мајка ми, а тоа е добрината.

На ова Чоре само додаде: Љубов, љубовта е најважна. За се во животот па и за бракот тоа е најважно, се друго е техника која треба да се усогласува.

 

 

 

Уште многу, многу љубов и во приватниот живот, на театарската сцена и позади камерите му посакувам од срце! И секако следна средба за некој убав повод!

 

Магдалена со внуката Гала

Фотографиите се од приватната архива на Благоја Чоревски – Чоре