Во Кинотеката на Македонија проекција на филмот „Прашина“ во чест на актерот Салаетин Билал

Вечерва со почеток од 20 часот во Кинотеката на Макеоднија ќе се одржи проекцина на филмот „Прашина“ во чест на неодамна починатиот актер Салаетин Билал. Тој  театарски, филмски и телевизиски актер кој студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција. Во 1964 година станал член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите во Скопје, а како актер гостува и во проекти изведувани на сцените на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, како и на матичната сцена со ансамблот на Албанската драма.

За своето актерско умеење бил награден како најдобар артист на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1976 и 1990 година, а на театарските игри во 1992 година ја добил награда за најдобра споредна улога. Двапати бил добитник на наградата што ја доделува ревијата „Екран“ – „Актер на годината“ – во 1976 и 1977 година. Добитник е и на општествените признанија „13 Ноември“ – награда на Град Скопје за 1977 г., а во 1984 г. го доби највисокото републичко признание, наградата „11 Октомври“.

Во филмографијата на Салаетин Билал се вбројуваат и филмските остварувања: Најдолгиот пат (1976), Време води (1980), Полноќно сонце (1982), Македонска сага (1993), Ангели на отпад (1995), Џипски меџик (1997), Прашина (2001), Чекор пред времето (2003), Илузија и Андер (2004), Стапица (2006), Сенки (2007), Мајки (2010), Трето полувреме (2012), Балканот не е мртов (2013), Херој (2013) и До балчак (2014).

Покрај филмските остварувања, запаметени ќе останат и неговите телевизиски остварувања: Волшебното самарче (1975), Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Белото циганче (1984), Солунски патрдии (1986), Тврдокорни (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други.