Има луѓе кои ги знаеш малку а ти се чини дека се цел живот до тебе. Исто како што има некои, кои цел живот се до тебе и ти се чини дека ги знаеш многу, но во даден момент сфаќаш дека не ги познаваш.

Таквото чепкање по мислите и спомените, беше убав повод да направам интервју со Тања Станковиќ (Tatyana Dimovski ), која не сум ја видела повеќе од една децанија.

Животот во Чикаго, нејзината љубов кон музиката и нејзината грижа за напуштените и гладни кучиња но и луѓе, ја прави посебна.

Љубов

 

kulturno.mk – Каде е Тања, како личност. Некаде меѓу Чикаго и Скопје? Или ?

-Кога го напуштив Скопје пред дваесет и кусур години му реков “каде јас таму и ти”. Скопје е мојата младост, мојата незаборавна љубов, мојот голем дел од срцето што ќе го носам до крај. Но, Чикаго е мојот дом. Тука ми е семејството, работата,можностите да се остварам себе си како подобар човек и подобар уметник.

Семејството Димовски во Чикаго го најде својот дом

 

kulturno.mk- Во Чикаго си 12 години! Имаш приватно пијано студио? Музиката е твоја животна  и професионална определба. Што претставува музиката за тебе?

– Да, имам свое приватно пијано студио со 40-тина ученици и предавам клавир, вокална техника, музичка теорија, солфеж и основи на диригирање.

ПИјаното вечна инспирација

Бог ми дарил многу дарби и сум бескрајно благодарна за тоа, но мојот повик е да бидам музичар и така ќе биде додека ме има. Кон работата со децата сум секогаш професионална, сакајќи нивниот скриен потенцијал за музика да го разбудам, да го препознаам и да ги научам на она што јас го знам и поседувам. Да се работи со деца е многу одговорна, но благословена работа и таа ме исполнува.

Учениците од пијано училиштето

kulturno.mk-Кога се сеќаваш на времето во Скопје, што ти паѓа најнапредна памет?

-Лудо и незаборавно време за мене во секој сегмент на животот. Младост, безброј пријатели  и забава бескрај. Семејство со кое бев среќна и се радував што го имам. Почнав да градам кариера и сега кога се сеќавам на тој период си велам, да тоа  е тоа што требаше да го правам. Се чуствувам благословена и секогаш кога ќе се сетам на тоа време ми се појавува насмевка. Таму беше мојот живот, мојата младост.

kulturno.mk- Слушнав дека направи некој професионален пресек. Што ќе биде твојот професионален приоритет во следниот период?

-Јас сум музичар и не можам да бидам друго, но последниве неколку години активно ги следам страдањата на животните во Македонија што не ме остава пасивна и рамнодушна. Кога човекот е во невоља, се рабира дека му треба помош и треба да му се помогне, но животното дефинитивно не може без наша помош, затоа и сме добиле наредба од Бог да им помагаме и да се грижиме за нив, а не да ги убиваме и јадеме. Американците многу сакаат животни и секојдневно ја гледам нивната грижа за нив што е за голем поздрав. Тоа сакам да го искористам за наши цели, за нашите животни за кои државата апсолутно не води никаква грижа.

Љубимците на Тања

Последните 3- 4 години моите соседи често знааат да ме прашаат за платена услуга да се грижам за нивните миленици додека се надвор од градот, на пат, на одмор..и чуствувам голема среќа додека сум со моите мали пријатели и им ја намалувам тагата по своите сопственици со љубов, игра и целосна посветеност.

Најискрена прегратка

Pet sittingot (чување на миленици) е нешто што навистина ме прави среќна. Верувам дека исто така може да биде и одличен бизнис и отварање на врати на поголема мрежа со луѓе кои сакаат животни а и можат да станат потенцијални донатори на македонските улични животни. Македонија во оваа област има дефинитивно потреба од помош. Вардариште е пекол за животните, голем срам за нас како народ и држава. Потребна е државна грижа и власт да се погрижат за овој проблем. Потребна е јака економија, но повеќе од се е потребно сочуство и емпатија. Да не се здруженијата за заштита на животните и поединци кои се грижат, мислам дека ниту едно животно не би преживеало до сега. Има една стара но многу вистинита изрека:“ Кој го сака животното, само тогаш може да го сака и човекот“.

 

kulturno.mk– Твојата втора љубов, но голема до бескрајот се токму  животните. Бројни донации, акции, подвизи кои не можат да се добројат. Кажи ги твоите чувства кон нив? Како и каде ги вбројуваш?

-Да се помага на слабите и немоќните е Божја особина. За мене како христијанка тоа е огледало на мојата вера и одамна сфатив дека кога помагам, не само што сум благослов за другите, туку сум и благослов за самата себе. Јас лично растам и напредувам како подобар човек. Со игнорирање на помош ние полека но сигурно одиме во правец да облутавиме. А тоа е најголемиата опомена од Исус ,кој рекол: “Вие на земјата сте сол, но внимавајте да не облутавите” . Тоа што оваа земја сеуште функционира е заради тоа што постојат луѓе кои што сфатиле  дека не треба на друг да се чека за да се направи нешто добро, веднаш реагираат и се активираат.

Јас секогаш ќе бидам тука за болно и напуштено дете и животно затоа што сакам да останам човек и Божјо дете до крај.

kulturno.mk– Семејството, синот и сопругот ти се твојот приоритет. Колку семејното опкружување ти дава подршка, сила и поттик?

-Не е тешко да добиеш подршка од луѓе што ги сакаш и кои ја имаат истата љубов и желба да помогнат на послабиот. Јулијан $ Игор се луѓе со големо срце и горда сум на моето семејство.

Игор и Јулијан

 

kulturno.mk– Сакаш да патуваш. Која е твоја следна или пак нереализирана дестинација?

-Има многу места коишто сакам да ги посетам, но следните две дестинации дефинитивно се Аљаска и Бразил. За понатаму списокот е долг!

Тања во Перу

kulturno.mk – Каде се гледаш за некои 10- тина години?

-Во мојата визија се гледам во Христијански центар, кој го замислувам како центар за напуштени деца и животни во Mакеднија! Целото мое битисување ме води токму кон остварување на оваа моја желба за чие остварување несебично ќе се предадам!

И за заокружување на овој разговор, да споделам како јас ја помнам Тања. Еден ден пред точно 25 години на улица Водњанска се сретнавме а вчерадента бев на некоја нејзина свирка. И велам: “Тања ќе снимаме  музичко играна серија за деца и во секоја епизода еден возрасен пеач ќе пее песна за деца. Сакаш да учествуваш? “Наравно дека сакам”- орговори. Супер. Кога да дојдам да се договориме?  И така бидна. Тања пееше во првата епизода на “Дајте музика” песната “Кажи ми “. И еве за едно наше потсетување и информација за сите што не знаат!

Разговорот за kulturno.mk го водеше Татјана Гогоска