Еден од најчитаните романи кај нас, но и во поширокиот книжевен простор, „Физика на тагата“ на бугарскиот писател Георги Господинов, добива своја театарска драматизација. Премиерата на истоимената претстава е закажана за 6 јули (петок) во 20 часот во Кумановскиот театар. Драматизацијата е на Ивана Нелковска, а режијата на Милош Б. Андоновски. Костимите се на Марта Дуфне, а сценографијата и плакатот ги изработи Наташа Вчкова.


Во претставата играат: Горан Илиќ, Марко Трајковиќ, Јасмина Василева, Александра Пешевска, Кети Дончевска Илиќ, Нина Максимовска, Симона Димковска…

“Емпатијата е стар закон на природата. Таа е закон на човештвото што одамна не се почитува“- вели во текстот драматургот на претставата Ивана Нелковска.

 

Неговиот последен роман, „Физика на тагата“ беше финалист на неколку европски и светски награди, меѓу кои: „Премио Стрега Еуропео“, „Бруке Берлин прајз“, „Хаус дер Културен дер Велт“…

Господинов е добитник на наградата на фестивалот „Про-За Балкан“ на издавачката куќа „Икона“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.

Актерската екипа на Кумановски театар

За своите предизвици и пориви во пишувањето Господинов во една статија  дава ваква назнака: „Стравот е основната причина за пишувањето. Тагата, како и сите други чувства и емоции, се активираат преку сочувствувањето.“ Дали е така? Можеби дел од одговорите може да се добијат во книгата “Физика на тагата“, која претстава од овој петок ќе може да се види и на сцената на Кумановскиот театар.