Повод „Битола Шекспир фестивал“ за разговор со Петар Горко, актерот со кој се врзува самото спомнување на Битолскиот народен театар.
Интервјуто за kulturno.mk го водеше Валентина Ѓоргиевска – Парго
kulturno.mk – Задоволство за публиката беше да Ве види и во најновото издание на реномираниот “Битола Шекспир фестивал”. Всушност, првиот лик кој го видовме на сцена на фестивалот, бевте токму Вие, во ликот на Цицерон. Имено, претставата “Јулие Цезар, Рес Публика или Коза Ностра” ја изведовте пред нешто повеќе од еден месец. Ликовите на Шекспир како да се ваша постојана инспирација.
– Да, за мене тоа по бројка значеше 18 -ти  од шекспирови дела. Интересно искуство затоа што прв пат работам со режисерот Златко Раковиќ, а и нему му беше доста интересно. Доста работа на маса, доста работа на ликот, доста работа на самата историја на Јулие Цезар. За мене е ова една од огромните Шекспирови дела, во смисла на квалитативните текстови, од кој може многу да се научи и кој  многу кореспондира со денешното време. Иако, лично не се согласувам со политичкиот дел на претставата, кој е локализиран во одредени реплики, додани од режисерот, сепак Шекспир е актуелен секаде секогаш, на било кое место, во било кое време. Тоа е неговата големина. Значи, според мене можеше да оди и без сите тие локализирачки реплики, за претставата да биде многу поширока и да биде компактибилна со се. Ова што ни се случува нас сега, им се случува уште и на многу други народи луѓе…. Секаде е хаос.
kulturno.mk -Вие сте уште во првата сцена, а и вашиот настап е мошне енергичен
Да, Цицерон го нарекуваат “Татко на Републиката”, и е еден од најголемите оратори воопшто за тоа време. Човекот кој се бори за Републиката, Рес Република фактички, која во превод значи единство  на граѓаните во Правото! Значи, најважното. Така што, ако сега погледнеме и ги прочитаме кои земји се нарекуваат “република”,
а вистинскиот чинител скоро да го нема никаде. Можеби единствено Кина достигнала некој таков степен, но се уште глобално не постои од тој тип завршена република каква што има во таа претстава, каде што граѓаните владеат подеднакво со правото. И сите се еднакви. Тоа е суштината, и од таму потекнува веројатно и социјализмот.
kulturno.mk –Која е таа да речеме универзална димензија на Шекспир, неговите дела да можат секогаш да се разбираат, и адаптираат буквално на секој простор, на секоја ситуација, на секоја временска епоха? Може да се прави што сакаш со неговите дела и без да се изменат репликите, секогаш да одговараат на реалноста.
-Неверојатно колку се актуелни репликите, како да се правени сега во овој период. Дури и пред 20 години кога го работев го имав истиот впечаток, и сега. Тоа е големината на Шекспир. Толку е многу универзален, толку е многу навлезен во самата економија, во самата политика…Значи, да се вратиме во негово време и во Англија каде се случувале најголемите крвопролевања, симнувања од власт на кралевите, крвишта, толку одвратен дел од историјата има таа Англија, што не само што ги препишал туку ги внел дејствијата, со универзална порака дека сето ова секому може да му случи, на било кое место и на било кој начин…И кога ќе речат “Ај сега ќе си играме по Шекспир!”. Како така се игра по Шекспир? Не се игра така по Шекспир. Шекспир се игра овде и сега! Така се игра Шекспир. И тогаш бил актуелен, и сега е, повеќе или помалку, зависи од режисерот, концептот, зависи од бројот на добро одиграни улоги. Точно е дека Шекспир од “а” оди понатаму, ја скенира човековата душа  од малото жарче – Љубов во него, се до Љубов во една глобална општествена рамка. И токму затоа неговите дела, според мене, се основата на театарот. Ако грешам поправете ме.
kulturno.mk– Не, не грешиш…..напротив ! Која беше првата улога од дело на Шекспир што ја одигравте на сцена?
-Првата улога ја добив уште на Академија, играв во “Хамлет” на Љубиша Георгиевски.  Беше помала улога, потоа следуваа голем број на  ликови, насловни улоги, од Магбет, Антоние и Клеопатра и многу други.

 

kulturno.mk-  Имало ли некоја највозбудлива, во сите тие улоги?
-Ха, највозбудлива, секоја улога е возбудлива, нема највозбудлива улога секогаш има нешто што ќе те испровоцира поинаку . Зависи и од животното искуство и од периодот во кој ја играш, на колку години ја имаш улогата доживеано. Сето тоа е дел од она што се градело долг период. Меѓутоа јас имам среќа што сум играл толку многу шекспировски улоги и секоја од нив имала некое единствено чувство, кое останува. Не можам да кажам дека јас најдобро го познавам Шекспир, далеку од тоа, но едноставно можам да потврдам дека Шекспир е само инспиратор за нешто ново. Има една реплика од Антоние и Клеопатра, каде го играв Антоние  која се поврзува со мене “Ако ја изгубам честа ќе се изгубам себе си!“  Тоа е една водилка која ме води и ме искрено да ја допрам публиката од сцената да го срушам ѕидот меѓу мене неа.
Театарот како водилка во животот

 

kulturno.mk – Чудно е колку Петар Горко  е создаден за сите улоги кои ги одиграл, во што е магијата ајде да дефинираме тоа прецизно, ако веќе не можеме да го дефинираме Шекспир.
– Нема магија сега, само што кажав дека единственото нешто е многу работа многу труд, работа секој превод да звучи најблиску до  оригиналот, а во исто време да е поинаков. Делата на Шекспир ги содржат оние негови староанглиски кованици кои  кај англичаните е повеќе моќ на ораторство отколку активна игра. Она што го имам гледано кај Шекспир е како да се стигне до природноста како основно нешто, зошто кај него има од селани до кралеви, плејада на разнобразни ликови и карактери, луѓе од различен сталеж, и сето тоа мора да биде многу природно. Ако не е искрено нема ништо. Си копаш во својата душа внатре и ја нудиш на публиката. Е, сега дали ќе ти ја прифати или не тоа е на публиката, ама ако е искрено, ако е емоција која ја носиш во себе и Љубов, тогаш немаш шанса да не успееш. Тоа е едноставен рецепт, меѓутоа многу е тешко да се постигне.
kulturno.mk- Засега глумевте во сите шест изданија на фестивалот. Колку се чувствувате горд како актер и како битолчанец со еден ваков фестивал кој уште во самиот име провоцира интерес.
-Преемотивен сум затоа што сум дел од приказната. Се почна со нашето гостување Глоуб ту глоб во Лондон 2012 со помош на тоа е направена целата приказна, како идеја на Благој Мицевски. Благој го иницираше тоа во Лондон, го направи овој фестивал и го внесе во Европската асоцијација на фестивали. За сиве овие години на овој фестивал заради се пошироката заинтересираност  на светот да дојде кај нас, имаме можност за нови соработки, нови познанства, дружења, можност за нови копродукции, нови соработки. Што повеќе би посакал еден актер кој си го сака искрено својот театар, со 27 години професионален стаж? Така што, фактички ова е мојот втор дом, така да го наречам, иако немам тука роднини, не сум ничие дете на глумец, но ете можеби моите деца . Ќерка ми веќе игра во “Крвави свадби”  Не знам што ќе биде во иднина, нема да ја запрам, тоа е само нејзина желба.
kulturno.mk – Од оваа перспекрива, верувате ли дека следуваат подобри времиња за актерите и за сите нас?
-Јас сум  во принцип оптимист како човек и се радувам и на мали нешта, меѓутоа ова време ми донесе сомнежи сега е време на никакви политики. Ние не ги знаеме големите шеми и долгорочни планови на големите сили, или императори како што некогаш ги нарекувале. Не знаеме во што дел сме ставени во целата игра, така што не верувам дека правото ќе биде подеднакво за сите граѓани. Не верувам во такво општество.Тое е чиста утопија. За жал!
kulturno.mk– Но, меѓучовечките односи не се дел од глобални планови, тие зависат од нас.
-Апсолутно Апсолутно. Меѓутоа знаете , има една поговорка која вели” Раздели па владеј”. Меѓучовечките односи може да се негуваат но, може и да се рушат. На  Балкан се потпалуваат луѓето за да се замразат меѓу себе,  за да можат да се замајуваат и да не обрнуваат внимание на случувањата на глобално ниво. Не би сакал да знам се, но  во животот се прашуваш што ќе биде  утре со мене, со моите деца, со мојот театар, со мојата држава воопшто. А зошто би го живеел во страв, наместо да живеам нормално спокојно, да подготвувам претстави, да имам време за се, еве вака да се видиме по толку години, да направиме муабет. Ние бевме познати по гостопримството, а  сега не можеме сосед со сосед да се поздравиме како што треба. Го нема повеќе она заедништво.
kulturno.mk – Не може да ја избегнеме политиката бидејќи ние станавме окупирани со тоа. Но би сакала да прашам- Во античко доба владетелите кога сакале нешто да соопштат или пропагираат тоа го правеле преку театарот, преку драмите и на тој начин ја пренесувале пораката. Дали тоа се случува кај нас, дали театарот се уште го  држи тој тип на пропаганда?
-Не е имун, меѓутоа да не заборавиме во кое време живееме и кои се средства ги имаме на  располагање. Не дека сега имаме толку многу медиуми, Интернетот завладеа со се, не окупира. Сите информации ги добиваме многу брзо, меѓутоа  не лиши од тие чувства,  не лиши од основата на постоењето. видиците ти ги отвора многу брзо.  Константно сме под лажни вести. Во таа калкулација театарот е многу помалку моќен. Прво затоа што не е единствено средство кое би можело да делува на публиката, второ немаме  публика која тоа би сакала да го слушне тоа ни да го разбере како такво, и да имаме се еден двајца, а еден двајца а е малки за са направат за да направат некаква промена. Некои пораки и како да пречат. Ние и за време на 12 годишното владеење на претходната владејачка партија направивме 3-4 претстави со кои буквално се исмејувавме на таа партијата  и укажувавме на нејзините грешки. Не ни се случи да имаме проблем, а немаме ни сега. Меѓутоа да не ја заборавиме  претстаавата “Тито” која 2006 ја забрануваа, и тоа пред да ја видат. За тоа падна дури и еден министер за култура. Ја забранија пред да ја видат. Види ја претстава па оцени. Јас сум против забрани. Каква и да е тоа е сепак претстава, кога веќе сме на муабет на темата колку може театарот да делува на широките народни маси. Театарот делува многу послабо.
kulturno.mk –  Да се вратиме  на преставата “Јулие Цезар” нели  во одредени  делови беше повеќе вулгаризирана отколку што е пристојно дозволено?
-Се согласувам. Луперкарии се познати како забави на  кои ги оплодувале жените со било кој плоден маж, тие биле голи  и трчале во круг и ја оплодувале првата жена што ќе ја дофателе, по наредба на императорот. Не е важно кој е само да се раѓаат деца, да нема неплодност. Тоа било логоката , но од денешен агол тоа бил некој пагански обичај. Меѓутоа пенисите кои се купени од секси шопови не кореспондираат со идејата на претставата, затоа што сето тоа можело да биде изведено и со таканаречените ” накурњаци”, нешто што би можело да биде многу потеатарски и естетски поинаку. Јас немам ништо против голотијата, два пати бев угул гол на сцена, меѓутоа како голотија  која не ја гледаш таа голотија од болката што ја чувствуваш, како една поинаква перцепција.
kulturno.mk– Бевте актер ѕвезда уште на  самиот почеток на кариерата . Се чувствувавте како ѕвезда, го постигнавте тоа што го замисливте во однос на меѓународна кариера?

-Јас никогаш не сум се чувствувал како ѕвезда. Јас сум  нормален семеен човек, домаќин. Во однос на што сум сакал да постигнам, такви биле околностите. Кога тргнавме со идеја за сорабортки, со Никола Којо и многу други актери од моја генерација, но се направи јаз граници. Меѓутоа од друга страна го имаме и Никола Ристановски кој успеа, некако му се  посреќи и тоа е супер. Во одредена форма сепак сум актер од меѓународен калибар затоа што сум имал претстави во копродукции , гостувања, во седум земји гостувања со “Тито” како и голем  успех што пишуваа дневни весници, најпознати магазини, па дури и Гардијан.
Фото:Стефан Ѓоргиевски
и приватната архива на Петар Горко