После 15 години со Филип и Марија – децата од омилената серија “Умни глави“

Интервју како потсетување на тоа  дека на децата им требаат убави програми наменети за нив, а кои за жал  повеќе од деценија ги нема.

Разговорот со Филип и Марија (недостасуваше Кристијан) , децата т.е. синот и мајката од популарната серија за деца “Умни Глави, која по текст на Владо Димовски а во режија на големиот режисер веќе покоен Ацо Алексов, беа мотив за седнување пред телевизорите, тема по која се идентификуваа многу деца кои растеа со оваа серија, во периодот од 1996-тата до 2002-та година, кога се заврши емитувањето на сите 120 епизоди од оваа серија.

Разговорот го водеше Татјана Гогоска во амбиентот на Амигос-Мексиканскиот ресторан на улица Македонија.

Прашувам со кого да почнам. Марија веќе само по насмевката наликува на она мало девојче од осум години која многу добро ја играше улогата на мајката насмеана вели: „Па се разбира со Филип т.е. Даре, секогаш тој имаше предност “ …и затоа Филип веќе во функција на сопруг, а со нетрпение го чека статусот на татко за некои четири месеци почнува да зборува.

kulturno.mk– Каде е Филип Кипровски сега?

-Вработен во Охридскиот театар како актер од пред три години, кога на конкурс влегов во Театарот и така ми се оствари првиот дел од мојот актерски сон, да работам како актер во Театар. Иако, заради тоа што јас живеам во Скопје, тоа ми создава дополнителни ангажмани, сепак задоволен сум и од Театарот и од можностите што ги дава тој. Работиме претстави, играме интерсен репертоар, охридската публика доаѓа. Играм и во самостојни проекти. И така ден за ден го живеам мојот актерски професионален сон.

kulturno.mk – Од овој аспект на актер, како гледаш на искуството со Умни глави ? Колку тоа те определи во твојата професија?

-Снимањето на серијата „Умни глави“ , одењето во Драмското студио на МРТВ , ми овозможија детство преполно со убави спомени. Мислам дека секој миг од одењето на снимање, местењето на сцена, пред тоа учење на улогата го паметам. Убавата соработка со чичко Ацо режисерот , со Владо Димовски авторот на сценариото и целата екипа е незаборавно. Имав детство различно од другите деца, но преубаво. Секако дека тоа искуство како дете актер во многу влијаеше во мојата професионална определба како актер. Мислам најмногу.

културно.мк– Во детството актерството ти беше игра, сега ти е професија. Па оттаму кој е твојот став за состјбата на актерите во Македонија?

-Уф! некако тешко е тоа така да се одговори, мислам кратко. Па еве, имаме театри ,се живее некако. Јас играм и на посебни проекти надвор од театарот… како што реков играм во Охридски театар….ама театарска публика и театарски живот има само Скопје. Можеби звучи чудно што го велам тоа, ама така е. Во Скопје и глумците имаат избор и публиката. Во помалите места не е така. Тие во се со ограничени можности па и во театарот.

Јас играм веќе трета сезона и во популарната театарската импровизација „Импровокација“ со која имама одиграно над 50 претстави и во Охрид и во Скопје и за мене тој е одличен проект. Таму се пронаоѓам некако. Но, секако предизвик ми се многу улоги кои допрва ќе треба да ги освојувам.

културно.мк -Филип приватно. Среќно оженет ама со една убава вест го почна нашето денешно дружење

Да, среќно сум оженет и за четири месеци со нетрпение очекувам да станам татко. Тоа ме прави уште посреќен, поенергичен, секако и поодговорен. И имам идеја, ќе отворам продавница “Татко и бебе“, бидејќи се е за мајката и бебињата. Мислам дека ние младите генерации татковци сакаме и заслужуваме поинаков однос со децата уште од раѓањето и ете јас се подготвувам да бидам вклучен во животот на бебето од првиот миг.

И сега е ред да и препуштам на Маца, сепак мајка ми беше долго време -шеговито Филип кон Марија.

kulturno.mk– А сега да видиме каде е Марија, што е нејзиниот животна преокупација?

Јас, не се определив за глумата, иако многу пати ми недостасува тоа и сепак жалам на некој начин. Завршив Економски факултет-Отсек Маркетинг, работев во банка а сега од скоро работам во Брокерска компанија. Нема допирни точки со она што посакував како дете и за што сонував. Меѓутоа кога требаше да одлучам сепак под влијание на родителите одлучив за нешто „посигурно“. Секое одење во театар ми создава некој внатрешен немир, желбата е тука некаде длабоко во мене….но не се знае можеби пак ќе се случи нешто на тој план.

Сцена од Умни глави со Кристијан-таткото

kutlurno.mk -Како ти гледаш на тој период? Што ти значи тебе подготовките,самото снимање  на серијата? Паметиш ли од тој период , со оглед на тоа што беше најмала на само осум години кога почна сета таа приказна?

-Паметам ама баш се! Мислам дека и многу реплики, цели епизоди сеуште ми се мотаат по глава. Беше забавно. Додека моите другарки играа пред зграда, јас одев на снимање. Тоа ме правеше на некој начин различна од нив, но јас си имав детство внатре во студијата на снимање. Тука ми беа најврерни другари Филип-Даре и Кристијан и другите кои повремено доаѓаа, и тие беа моето детство. Најубаво. И повторно би сакала. Имав одговорна улога, мајка, се јас да ги смирувам да бидам совест, учтива, а бев најмала. Толку имаше интересни ситуации, навистина преубави спомени кои со ништо не би ги сменила.

 

 

kulturno.mk- Марија, сега млада убава и успешна девојка. Нешто за твојот приватен живот?

-Е да и тоа треба. Не зборувам многу за тоа, но опциите се отворени,можеби скоро и до конкретни промени во мојот статус. Нека остане засега тајна..Па да имаме следниот пат нешто ново да си кажеме.

kulturno.mk- Сега двајцата! Дали би сакале нешто повторно заедно да снимите? Еве и Кристијан кој веќе споменав не е на средбава, но следната задолжително. Расположени ли сте за некоја таква авантура?

Марија и Филип– Даааа! Зошто да не ! Баш би било убаво. Може нешто навраќање на Умни глави, но може и нешто друго. Баш би било супер. Штета што децава сега немаат такви серии како Вие тетка Тања што правевте во тоа време. Беше убаво и корисно и забавно. Се сеќаваме колку се смеевме кога ја снимавме шпицата на серијата во студио. Ние антиталенти… Не, не ти знаеш да пееш ,вели Филип, ..кој јас?…и така си одеа зборовите, сеќавањата, убавите спомени, и со саати траеше нашата средба . Ветување: нема да поминат уште 15 години за повторна. Следната еве на есен во проширен состав. Не откриваме каков. Ќе биде забавно.

Фото-Бојан Иванов

Архива на Марија и Филип