Како да го почнам интревјуто со Тања Кочовска? Искрено, најдолго чекам да го имам поради бројните обврски на Тања, но најлесно одеше неговата финализација. Едноставно е, Тања што и да каже е еден мозаик кој убаво се вклопува во приказната и професионална и животна.

Најлесно е што не мора да ја претставувам, бидејќи таа е една и единствена Тања Кочовска.

Разговорот го водеше Татјана Гогоска

културно.мк – Разговорот би го почнала  од Мјузиклот Мама Миа! Тања во полн сјај, со цел свој уметнички капацитет. Колкав предизвик е улогата во Мама Миа?

– Огромен предизвик е секоја улога, а особено улога во мјузикл каде таа претставува еден збир три во едно. Треба многу повеќе да се разработи самиот лик да се работи на освојување на комплетната улога, затоа што вклучува и глума и пеење и играње. Целиот тој концепт не е ни малку лесен и едноставен. Згора на се треба да е сето тоа кондициски поткрепено, за да се издржи. Иако, секогаш наградата на публика покажува дека вредело.

културно.мк – Претходно маестрална беше улогата и во мјузиклот „Чикаго“. Дали мјузиклите како жанр ти се поголем предизвик после години и години освоен простор во Театарот за деца и младинци ?

 

-Мјузикли сме работеле и во Театарот за деца и младинци – ТДМ, со професорот Боњо Лунгов, од кој научив многу. Форматот на мјузикал не е нов за мене бидејќи таму се пронаоѓаат, се сретнуваат моите таленти за глума, пеење и играње се разбира. И искрено штета е да не се искористат. А како што реков секоја улога е дел од мене и јас ја доживувам со секој лик на посебен начин. Едноставно дали е претстава за деца или возрасни, дали е мјузикл, во подготовките и финализацијата, ликот што го создавам се вгенздува некаде длабоко во мене и затоа на сцена изгледа се едноставно и лесно. Улогите во „Чикаго“ и „Мама миа„ се сосема различни, но и во двете има еден убав дел од мене. Секоја нова изведба е нов предизвик.

 

културно.мк – После 20-тина години си замина од Театарот за деца и младинци? Го понесе ли со себе детското во себе и која од сите улоги тие најдрага?

– После 23 години заминав од ТДМ. Бев повикана да направам трансфер во МНТ затоа што имало потреба за актерка од поинаков – мој профил. ТДМ е мој театар. Во него пораснав, созреав и едуцирав многу генерации на деца. Сите улоги ми се драги, зошто сите ми се посебни и секоја улога е дел од мојата душа и никој ништо не може да ми ги  земе. Бројни се претставите кои ги одиграв сите овие години од почетокот и сеуште има претстави на Репертоарот кои ги играм. Средбата со децата како публика има поинаква моќ на мене како актер. Тие се наједноставната, но и најкритичната публика. Да не ги набројувам сите наслови во кои сум играла…многу се. Тековно од репертоарот играм во претставите : „Алиса во земјата на чудата“ , „Девојчето со кибритчиња“, „Убавицата и ѕверот“ и „Македонска приказна“.

 

културно.мк – МНТ сега е твоја матична театарска сцена. Овие месеци си окупирана со гостувања и настапи. Во кои претстави може публиката да те гледа?

-Да ,така е! МНТ е сега моја матична сцена. Во изминативе две и пол години откако го направив трансферот, имав шест премиери, практично не застанав со работа. „Чикаго„, „Животот е прекрасен„ , „Тартиф“, „Кец на десетка“ ,„Мама Миа „ и „Дух“. Она што го правев во Театарот за деца, бројни улоги и претстави , рефлексно без здив го продолжив и во МНТ.

 

културно.мк – Имаш ли улога неизиграна а што силно ја посакуваш?

 

 

 

 

-Бидејќи доцна се приклучив на овој ансамбл, улогите на помлади веќе се одминати (50), но затоа пред мене има многу можности и улоги што ги посакувам и се надевам дека до пензија ќе ги одиграм….ха,ха,ха….

 

културно.мк – Приватно Тања што ја окупира најмногу?

Приватно ме окупираат децата, дружби со пријатели, многу патувања кои се мојата пасија и без нив не можам. Ако нешто сакам да правам тоа е да патувам. Сакам да го пропатувам поголем дел од светот пред да умрам. Тоа е мојата пасија. Да одгледам уште многу претстави, спортски натпревари ….утакмици. Спортот исто така е голем дел од мене. Го сакам и сакам да  го гледам.

културно.мк – Се надевам дека планот со патувањата ќе ти се реализира, иако не ги откривме најпосакуваните дестинации. Но, летото е во ек. Каде ќе одмараш и ќе собереш нова енергија  за следните предизвици на сцената?

 

-Поголемиот дел од одморот ќе го поминам во куќата во Струга. Таму е првата дестинација за одмор секоја година. А после тоа, повторно на најомиленото место – Хрватско приморје. Хрватска е земјата која многу ја сакам, море кое го обожавам и секој поминат одмор ми е ново доживување и уживање. Се надевам дека и ова лето ќе биде така.

-Не ја прашав Тања многу нешта, но сигурно ќе има некој друг повод. Не ја прашав  за нејзиното филмско искуство и ангажмани на големото платно. Не ја прашав и она прашање кое многу ме интересира отсекогаш: Кој е моментот кога го направи изборот меѓу естрадното пеење и глумата?

Дотогаш едно потсетување на 90-тите години кога Тања беше најприсутна на естрадата. Иако ми беше тешко да се одлучам со која нумера да го завршам ова интервју, односно да изберам меѓу моите  две најомилени: единствената песна „Не ми било судено, да те сретнам порано „ , која по мене е испеана со најмногу емоции на Интерфест 1994 година….. но, сепак одлуката падна на ……а за спомен  „Твојте очи сине“ која ја испеа на  Макфест 1993 -та година.

 

 

Фото галерија: Приватна архива на Тања Кочовска