Гледање нови европски филмови под ѕвездите, шизење со одлична музика сѐ до изгрејсонце и сето тоа на плажа, најавуваат организаторите на првиот „Бич филм фестивал“, кој се отвори вчеравечер  на плажата Оревче во Охрид и ќе трае до недела. На првото издание на овој фестивал ќе можеме да  се погледнат филмови што доживеале голем успех

Првата  фестивалска вечер беше отстапена на проекцијата  на хрватскиот филм „Осмиот комесар“, на која  присуствуваше и режисерот на овој филм Иван Салај.

Во натпреварувачкиот дел ќе има и филмови од Турција, Данска, Англија, Естонија, како и многу други земји. Многу гости од филмската индустрија ќе гостуваат на овој настан, како на пример, Стоја, Лазар Бодрожа, Беверли Лавли, Артур Страхков, а жирито е составено од реномирани имиња од филмската индустрија: Јелена Јованова, Марјан Алчевски, Весна Дамчевска.

„Исцелител“

Во ревијалната, последна вечер, ќе се прикажува филмот „Исцелител“, која ќе ја има својата премиера пред охридската публика. Интересно е што утревечер филмот „Холидеј“ посетителите ќе имаат можност да го погледнат на бродот „Галеб“, кој ќе плови на релацијата Охрид-плажа Оревче.

 

По секоја проекција на филмовите ќе следуваат настапи на македонски и интернационални изведувачи, како на пример: РИБ, Цирилик, Палиндром, диџеј Клара, Сајси МС, Фолтин и други. Овој фестивал ги спојува музиката и филмот на плажа. Но, ќе има и дневни активности, односно работилници за актерска игра за средношколци, за документарен филм, за продукција, за режија, за актерска игра за деца од 11 до 14 години.

За филмовите од официјалната селекција предвидени се награди со назив „голем бран“ за долгометражни и „мал бран“ за краткометражни филмови. А во рамките на програмата „Креативна Европа“ ќе се одржи тридневна панел-дискусија на која ќе учествуваат десет претставници на програмата „Медија“ од Европа и од Балканот.

Првото издание на фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“ е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.
– Ова е прв фестивал од овој вид во Македонија, а што е тоа што го прави уникатен и иновативен – бидете наши гости и сами ќе откриете. Програмски, фестивалот е поделен на три сегменти – филмска програма, едукативна програма и интермедијална програма. Филмската програма ќе опфаќа нови европски филмови. Некои од филмовите тука ќе ја имаат својата светска премиера, што претставува одлична можност да се видат првпат кај нас. Ќе има и селекција на детски филмови – најавува Ана Опачиќ, директорка на фестивалот.