Нашиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски, на 1 август ќе има концерт во Античкиот театар во Охрид. Од Баги комуникации кои се организатори на концертот најавуваат дека по трите фантастични и успешни концерти на Влатко Стефановски во Скопје, со неговите гости и пријатели Теодосиј Спасов од Бугарија, хармоникашот Танос Ставридис од Грција, Биља Крстиќ од Србија, Весна Гиновска Илкова и групата „Љубојна“ од Македонија пред  Охридската публика ќе го претстави неговиот последен проект, албумот „Мајчин јазик“.

– Верувам дека охридскиот концерт ќе биде кулминација на сите мои трагања, музички и просторни. Со нетрпение го очекувам концертот и моите гости кои доаѓаат од разни страни, изјави на прес конференцијата, додавјаќи дека искрено се надева и очекува убава топла Охридска вечер.

-За Охрид рече дека е место полно со магија, дух, уметност, неверојатна природа и претставува секогаш голема инспирација и возбуда за него.

Мотивот за овој концерт, додаде Влатко е неговиот начин да се спротистави  на „тоа се и сешто што доаѓа и што настапува токму на овој датум“, надевјаќи се дека  празникот 2 Август-Илинден ќе го дочека со публиката заедно, со последните нумери од концертот.