Од први до седми август во Македонија се одбележува глобалната недела на доењето. Јавните здравствени установи и невладиниот сектор заеднички ќе реализираат повеќе активности (едукативни предавања и практични работилници поврзани со доењето) по повод Светската недела на доењето која оваа година е под мотото „Доењето основа на животот“.

Доењето има огромно значење за унапредување на здравјето на децата и носи значаен социјален и економски бенефит за семејствата и општеството. Препораките на Светската здравствена организација се дека бенефитот од доењето е најголем тогаш кога тоа е ексклузивно во првите шест месеци од животот, а понатаму тоа би требало да трае до втората година од животот паралелно со воведување други видови храна.

Македонија ги има имплементирано сите препораки на СЗО, а тоа се формирање на Комитетот за поддршка и промоција на доењето, направена е ревизија на постоечката легислатива во насока на имплементирање на кодот за забрана за рекламирање на супституентите на мајчиното млеко, а континуирано се спроведуваат и обуки на здравствените работници за советување за доење и се изготвуваат информативни материјали за мајките за доење.

До 7 – ми август ќе бидат делени брошури и постери за бремени жени на македонски и албански јазик за важноста на доењето, воспоставување на доењето и знаци на успешно доење, по што ќе следи нивна дистрибуција преку патронажните сестри, матичните гинеколози и породилиштата. Во тек е и дистрибуција на постери и флаери за важноста на доењето, преку превентивните служби, породилишта и детски болници, со цел жените уште во текот на бременост да ги добијат потребните информации.