Разговорот го водеше  Валентина Ѓоргиевска Парго 

 – Поминаа неколку месеци од вашето директорување со Театар Комедија, нов предизвик во Вашата кариера. Што ви беше приоритет во изминативе месеци, успеавте во оној првичен план што си го зацртавте пред себе?

-Јас веќе 8 месеци сум на чело на Театар Комедија односно. ја извршувам функцијата в.д.директор. Задоволен сум од досега постигнатите резултати и слободно можам да кажам кога се има искреност и посветеност во работата без мерење на времето кое минува, секогаш се добива позитивен резултат. Јас сум човек кој кога нешто ќе зацрта да го реализира секогаш до крај тоа го завршува. Некои нешта движат побрзо, некои нешта поспоро, но сепак се доаѓа до целта. Приоритети нема. Се е подеднакво важно во работата и се се реализира со план.

-На какви проекти, претстави, патувања работевте како театар, во периодов од кога ја имате во ваши раце директорката палка?

Во овој период имаме три премиери: „Жена ми се вика Борис“/декември 2017/, „Не сега драга“ /март 2018/ „Мизантроп“ – премиера на фестивалот Охридско лето /јули 2018/. Реализиравме неколку гостувања низ државата, како и меѓународниот фестивал „Гола месечина “/јуни 2018/. Три премиери, гостувања, фестивалска премиера, организирање на фестивалот „Гола месечина“, се резултати на неуморното работење на сите во Театар Комедија. Многу е важно да истакнам дека создадовме и принцип приходот од секоја последна претстава во месецот да го донираме на лица која им е потребна помош. Воедно морам да истакнам дека Театар Комедија склучи меѓународен договор за взаемна соработка со „Градско казалиште Комедија“ од Загреб, Хрватска како и со Драмскиот театар Благоевград. Договорите содржат многу интересни ставки кои ќе ги реализираме заеднички. Театар Комедија за прв пат потпиша и договор за соработка со Агенцијата за иселеништво. Наскоро се предвидува гостување на наши претстави во дијаспората. Секако морам да напоменам дека учествувавме и на Театарскиот фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп и на Фестивалот Актерот на Европа.

Комедиите, и тоа неколку навистина мошне успешни, некако му дадоа посебна препознатливост на театарот во овие неколку месеци. Му треба ли добар издржан хумор на народот, кој понекогаш како да зборава да се смее и да ужива во придобивките од денешницата?

-Да се сложувам со вас. Впрочем Театар Комедија веќе е бренд. Најпосетуван и најпосакуван од страна на публиката. Комедијата е наш печат и потпис, но од следната година ќе имаме и мјузикл, разновидност и шареноликост на програмата е многу важно за да бидат опфатени сите таргети на гледачи.

Во дел од претставите глумите и вие и тоа прилично активни улоги. Ако денот го минувате во канцеларија, значи ли дека преку ноќ не можете да се откажете, дури ни привремено, од штиците што за актерот живот значат?

-Многу тешко прашање. Навистина не можам да се одвојам од сцена, а и не фер кон мојата публика која си ја создавав низ годините. Играм само во две претстави. Во претставата „Дони Дарк“ играм епизодна улога, а во претставата „Жени ми се вика Борис“ играм насловна улога. Во другите претстави не играм. Морам да бидам и посветен на работата и обврските кои ги имам како директор. Преку денот од утрото сум веќе во канцеларија и се додека не ги завршам зацртаните обврски за тој ден јас не заминувам. Често ми се случувало јас и мојот тим да останеме и до касно во ноќта само и само да ги завршиме зацртаните цели, а ми се случува од канцеларија да продолжам да се подготвувам за претстава. Се работи без штедење на себе си, но само така се доаѓа до резултати. Знаете, кога имате проблем и работа морате да се нурнете без штедење на себе си ако сакате успех.  Секој одговара за себе си. Јас секогаш гледам позитивно на работите, оптимист сум по природа и мислам дека тоа ме одржува во живот. Добрата мисла е клучот за успехот.

Освен  интензивното работно темпо во изминативе години, на релација Скопје  Охрид (Охридски театар) како актер навистина покажавте една прилична снаодливост на секое поле, прв ве имаше  во серии  низ регионот, со години ве имаше во македонските народни приказни, ве имате во спотови. Што е следно?

-Благодарам за вашиот заклучок. Не би откривал што е следно ха ха…Мала слатка тајна.

 

 

Да се вратиме, за крај, повторно на вашите директорски и актерски планови. Се засилува темпото за работа? Во која насока?

-Секојдневно се засилува темпото. Летово започнуваме реконструкција на објектот. Од септември до крајот на годината ни следуваат неколку гостувања, учество на фестивали и уште две премиери. Театар Комедија не запира и секој месец работи со се поголемо темпо.