Некогаш машината за пишување  претставувала најважниот уред во канцалариите, а денес е вистински раритет. Првата машина за чукање ја патентирал Хенри Милер во 1714 година, но таа воопшто не била произведена. Првите машини за пишување биле патентирани како пронајдок за помош на слепите.Во Америка за првпат со закон заштитил еден таков свој пронајдок Вилијам Берт во 1829 година и го нарекол „типограф“. Оваа машина одамна не постои. Во Европа Французинот Ксавие Прожен во 1833 година измислил машина со подвижни лостови за секоја буква. Десет години подоцна Американецот Чарлс Тербер патентирал машина на која лостовите со буквите биле наредени околу месингано тркало кое се вртело околу стожерот. Вртењето било рачно, а со мастило намачканата пипка се удирала по хартијата сто се наоѓала под неа. Целата постапка била премногу бавна, па поради тоа машината не била практична.

Првата практична машина за пишување, која можела да се изработува во голем број парчиња, била плод на работата на тројца американски пронаоѓачи : Кристофер Шоулс, Самуел Соул и Карлос Глиден. Тие својата машина ја усовршиле во 1873 година, така што можела да биде пуштена во продажба. Од тогаш машината за пишување се усовршувала.

Во 20 тиот век ја измислиле музичката машина за пишување, која наместо букви имала ноти.Врвот на производството на машини за пишување достигна во 50 тите години на 20 тиот век. Фирмата Смит –Корона продала 12 милиони машини кон крајот на 1953 година.

Иако во многу земји машините за пишување се веќе одамна исфрлени од широката употреба, Индија сепак до неодамна беше последниот бастион, каде не само што се употребуваа старите машини за чукање, туку и се произведуваа. Но во последниве 20 години побарувачката за овие машини значително опадна, па и Индија престана да ги произведува.

Носталгичарите, љубителите на ретро стилот можат да купат машина за чукање на некој пазар или продавница за антиквитети. Таа како и некои други апарати замина во пензија.Но секогаш има нешто што може пријатно да нé изненади. Се чини старата машина за чукање која на дактилографките им правеше плускавци на прстите се враќа во живот.

Американскиот дизајнер Хекс Зилкин направил машина за чукање која преку УСБ лесно се поврзува со компјутерот, лап топот или ајподот, а за оние што сакаат да се занимаваат со конструкција се продава и опција „изработи сам“. Зилкин и даде на машината за чукање нова шанса, а вљубениците на изуми низ целиот свет се воодушевени од идејата.