Да се чува делот од историјата е секогаш и доблест и обврска. Скопје покрај она што го има во сегашноста и го гради за иднината, ја има Старата Скопска Чаршија, која е сведоштво на минатото.
Многумина уживаме во кебапите, мирисот на симитите, извадените ткаенини пред дуќаните, излозите полни со злато и убавото македонско или турско кафе, кој како милува да го каже.
Некогаш портата кон Бит Пазар била многу позната и важна затоа што од неа се излегувало директно на патот кон тогашниот Цариград денешниот Истанбул.

Старата скопска чаршија е трговски и културно-историски дел во Скопје и една од најголемите знаменитости на градот. Се наоѓа на просторот од Камениот мост до Бит-пазар и од Калето до реката Серава. Според административната поделба на градот, просторот на чаршијата се наоѓа на подрачјето на општините Чаир и Центар. Првите документирани податоци за постоење на трговски центар на местото на денешната чаршија датираат од XII век. Во време на отоманското владеење со Скопје, местото забрзано прераснало во најголем трговски дел од градот, во кој се наоѓале околу 30 џамии бројни сарии  и анови, како и други турски споменици. Чаршијата претрпела големи штети со земјотресите од  1555 и 1963 година, пожарот во 1689 година, како и двете светски војни, по што неколку пати била обновувана. Но, и покрај претрпените штети, чаршијата претставува единствен споменик на културата во Македонија во кој се препознава наследството од повеќе култури и цивилизации кои учествувале во нејзиното создавање.
Во чаршијата преовладува отоманската архитектура, иако се забележителни и остатоци од  византиската а во последно време се забележува и примената на модернистичката архитектура. Голем број од градбите кои некогаш служеле како преноќевалишта за трговските патници или како амами за намесниците и управителите во градот се пренаменети и служат како простор за одржување на културно-уметнички настани. На просторот на чаршијата и во нејзината околина се останати и неколку џамии, турбиња, две цркви и саат-кула, а во втората половина на XX век биле изградени и зградите кои го сочинуваат Музејот на Македонија и зградата на Музејот на современа уметност. За развитокот на чаршијата низ историјата, нејзината културна вредност и занаетите кои биле застапени на просторот сведочат предметите изложени во Музејот на Старата скопска чаршија, сместен во рамките на Сули Ан.

Со Законот за Старата скопска чаршија донесен од страна на Собранието на Република Македонија на 13 октомври 2008, чаршијата била прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата. На почетокот од 2010 година, започна да се спроведува петгодишна програма за ревитализација на чаршијата, која има за цел обновување на објектите, поддршка на занаетите, како и постигнување економски и културен развој на просторот на чаршијата.

Коста Балабанов наведува дека се појавила неможност трговците да ги продадат донесените производи во еден ден, со што се појавила потребата да преноќат и тие започнале тоа да го прават на манастирската ливада. Меѓутоа, управата на манастирот, која ги наплаќала давачките и управувала со просторот, не дозволувала тој да се користи за подигнување на трајни градби. Поради тоа, некои трговци започнале да се засолнуваат во внатрешната страна од бедемите на Доленград, чии порти навечер се затворале. Со тек на време, започнало постепеното засолнување во внатрешноста од градот, почнувајќи од северната, па сè до јужната порта. Кон крајот на XII век, веќе биле подигнати трајни простории за складирање на стоката, биле воведени давачки за користење на градското земјиште и започнало продавањето на стока од овие простори, не само за време на пазарните денови, туку и надвор од нив, со што практично бил создаден трговски простор кој се развил во денешната чаршија.

Денеска имаме сведоштва на занаети кои се во изумирање јорганџискиот, кујунџискиот , ткајачкиот, бојаџијата ,мајсотрите за крзно, инструменти … продавниците со стари-етно предмети.
При нашата прошетка низ неа застанавме до крзнарот од десната страна на Плоштадот, кој ни кажа дека дуќанот го наследил од татко му со аманет ништо да не менува,да работи како со децении што работел тој. .„Се помалку има работа ,обично луѓето доаѓаат да продаваат или обновуваат, но ние ќе останеме тука додека дише чаршијата“ –ни рече кога побаравме да ни откупи старо крзно.„Не откупуваме и тоа е дел од аманетот “.Интересни занаетчиски правила владеат во оваа Чаршија.
И откако го испивмме мераклиското турско кафе продолживме ,следна средба беше со кујунџијата.Преубави изработени од сребро и бакар накит и предмети.Го привлекуваат интересот на бројните посетители. Ги има најразлични и од најразлични временски периоди.
Тоа е знакот на неа една и единствена, Старата Скопска Чаршија. Ги чува гордо сведоштвата и спомените на милиони луѓе низ многу години, децении и векови