„Патувањето на еден облак“ и „Приказна за тркалото“ се двете театарски претстави на „Бабец театар“ кои публиката, во рамките на Битолското културно лето, ќе има можност да ги гледа денес и утре.

Денеска со почеток од 20:00 часот на Нова сцена во НУ Центар за култура ќе се одигра претставата „Патувањето на еден облак“, чиј автор е Роберто Фрабети (Италија), уметничкото оформување е на Јулијана Мирчевска, а играат: Соња Ошавкова и Веда Мавровскa.

„Како потврда на сериозноста и нашата посветеност кон театарот за деца, со гордост ви ја најавуваме најновата соработка на ‘Бабец театар’ со италијанскиот автор Роберто Фрабети за претставата ‘Патувањето на еден облак’. Оваа претстава станува дел од нашиот проект ‘Театар од пелени’. Авторот Роберто Фрабети уште во далечната 1976 години го создава својот театар La Baracca во Болоња, Италија, а неколку години подоцна го започнува проектот ‘Театар за деца од најмала возраст’. Напишал 58 драмски текстови од кои 31 се текстови за претстави од најмала возраст, во моментот е дел од Извршниот комитет на Светската асоцијација на детски театри каде што членува и ‘Бабец театар’ како единствен македонски детски театар“, велат од „Бабец театар“.

Утре со почеток од 20:00 часот, на истата локација, Нова сцена – НУ Центар за култура, на програмата е претставата „Приказна за тркалото“, чиј автор е Ивица Шимич од Хрватска, уметничкото оформување е на Јулијана Мирчевска, а игра актерот Васко Мавровски.

„Успеавме да склучиме договор за соработка со театарот ‘Мала сцена’ од Загреб, Хрватска, со кој ги добивме авторските права за реализација на две театарски претстави за деца ‘Приказна за тркалото’ и ‘Приказна за светлото’ со цел реализација на долго најавуваниот проект ‘Театар од пелени’.

Претставите се наменети за деца од 1,5 години до 8 години, автор на двете претстави е Ивица Шимич, кој во моментот живее и предава драматургија на престижниот универзитет во Хјуан, Кина и ќе  бидат првите и единствени претстави во Македонија за деца помали од 2 години.

Со овие две претстави ќе докажеме дека театарот за најмалите не само што е возможен туку е и неопходен. Малите деца не разбираат се во целост, но со сите сетила ја доживуваат убавата слика и зборовите со кои им раскажуваме за светот што ги опкружува. На овој начин, всадуваме во нив естетски вредности за цел живот, а непосредно и потсвесно им помагаме да го разберат светот околу нив“, додаваат од „Бабец театар“, кој годинава го одбележува својот осми роденден.