Невладината организација  МАТРОНА , имајќи го во предвид значењето на мајчиното млеко, како и клучната улога на доењето во развојот на новороденчето, континуирано работи на подигнување на свесноста за поддршка и информирање на јавноста преку неколку проекти. Во тек е проектот “Eдукативни работилници за доење, улогата на мајчиното млеко и грижа за новороденчето ”.

Поради големо интересирање оваа година работилниците ќе бидат одржувани низ цела Македонија со цел да се разберe важноста на мајчиното млеко за новороденчето и понатомошниот негов развој од доењето. По повод Светската недела на доење 2018 го најавуваат нивниот нов проект Breastfeeding Friends – „Пријатели на доењето” со кој ќе градат заедница на субјекти/поддржувачи (ресторани, кафулиња, компании, институции) за заеднички дa се помогне во подигнување на свесноста за доењето. Како дел од активностите во овој проект, НВО Матрона ќе направи истражување преку анкетирање на целните групи. Целта на анкетата е да се истражи подготвеноста на општеството во поддршката на мајките за јавно доење и да се даде поттик за сите идни мајки да ги дојат своите бебиња.Сите субјекти кои што ќе го поддржат доењето ќе бидат означени како “Breastfeeding Friends – Пријатели на доењето”, ќе добијат благодарница за поддршката и ќе бидат промовирани на социјалните мрежи со цел мајките да бидат информирани за поддршката од страна на истите.

Лекарите велат дека составот на мајчиното млеко е единствен, неповторлив и не може да се добие со ниту една технологија. Доењето е процес во кој учат и мајката и бебето. Тоа воопшто не е лесно и за да добие млеко и да го одржува доењето, мајката ќе треба да има голема поддршка и помош.

Инаку МАТРОНА ИНТЛ Скопје е Здружение на граѓани за промоција и поддршка на здравјето и заштита на човекови права е граѓанска организација која придонесува кон активна промоција, поддршка и унапредување на здравјето и здрав животен стил, социјалните и човекови права на целата популација вклучително заштита на правата на децата и подобрени услови за нивен правилен раст и развој.