Вечерва во рамки на програмата на Охридско Лето, хорот и оркестарот на Македонската опера и балет, предводени од диригентката Бисера Чадловска, ќе го изведат Ораториумот „Радомировиот псалтир“, единственото македонско дело кое било номинирано за најпрестижната светска награда за композиција „Grawemeyer Award“ во 2003 година од американскиот Луизиана тех. универзитет.

Ораториумот „Радомировиот псалтир“ op. 47 од Димитрије Бужаровски е изработен врз текстот на ѓаконот Радомир од втората половина на XIII век. Тој се смета за еден од последните старословенски ракописи кои се испишани во старата кирило-методиевска традиција кои потекнуваат од Македонија. Бужаровски користи неколку псалми и оригиналните текстови на Радомир за слободно да го конципира сижето на овој ораториум. Димитрие Бужаровски (1952) е еден од најплодните македонски композитори со над 70 опуси во кои спаѓаат и четири симфонии, три ораториума, седум концерти, две опери и два балета, поголем број на сонати и циклуси на соло песни.

Псалтирот ќе биде изведен од хорот и оркестарот на Македонската опера и балет, предводени од диригентката Бисера Чадловска. Солисти се сопраните: Славица Петровска – Галиќ, Весна Ѓиновска -Илкова, тенорот Благој Нацоски и басот Владимир Саздовски. Во изведбата учествува и хорот „Пиколо“ подготвен од Весна Димчевска.