Волонтерски Центар Скопје од 1-7 август 2018, го реализира интеркултрурниот Летен камп за адолесценти од 16- 18 години во Центарот Солферино, Струга. Летниот камп ИнКоИн- интеркултурна комуникација и интеракција е еден од активностите предвидени во проектот „Без расправање“ реализиран од ВЦС, а финансиски поддржан од Фондација отворено општество – Македонија.

Целта на Летниот камп е подобрување на интеркултурната комуникација помеѓу младите од различни региони и етнички заедници. Летниот камп придонесе за развој на зголемена свесност за културните разлики помеѓу младите од различни етнички заедници, македонци, албанци, турци, роми, власи и срби, прифаќање на културните разлики од страна на младите со различна етничка припадност.

Мултиетничките општества и средини бездруго наметнуваат потреба од сплотеност меѓу населението на една држава со цел истото да биде прогресивно. Клучот на кохезијата на едно општество е интеркултурната комуникација и интеракција. Засегнатите страни во мултикултурните општества треба постојано да работат на обезбедување нови можности за младите да бидат поактивни во напорите да ги разберат сличностите и разликите на културните заедници со кои заедно опстјуваат . Една од таквите можности е и неформалното образование, кое станува се порелевантно и неопходно за надоградување на капацитетите на младите.

Избирањето на учесници од мултиетнички средини, со различен степен на кохезија и толеранција, како различни пракси, е еден од најкорисните методи во неформалното образование кои се користат за да се изгради целосна слика од предностите на мултикултурните средини. Диверзитетот е тој кој обединува, меѓутоа, иситиот треба да биде негуван и одржуван со цел да остане обединувачкиот фактор во општеството. Активностите како Летниот камп ИнКоИн, позади себе ќе остави трајни пријателства и побратимувања помеѓу младите кои доаѓаат од различни социјални и културни средини.

Со оглед на динамиката на животот и целосната општествена поставеност во нашата земја, младите се помалку ги распознаваат можностите и предностите од интеркултурната комуникација, обезбедувањето можност различни карактери да бидат на исто место. Овие пет заеднички денови кај младите учесници им овозможија да ги увидат различностите и идентичните предизвици кои ги имаат во општеството.