Случајот со гевгелиската градинка е уште еден во низата скандали поврзани со работата на МТСП Градинката треба да биде втор дом за децата, а не место каде ќе се демонстрира агресија, алармираат од Првата детска амбасада во светот Меѓаши по вчерашниот случај кога корисничка на Фејсбук објави видео во кое се слуша како негователка од детската градинка „Детска радост“ во Гевгелија со погрдни зборови му се обраќа на расплакано девојче.

Децата треба да уживаат во градинките, а не да бидат жртви на малтретирање и тортура, велат од Меѓаши. Ова, според првиот човек на Меѓаши, е уште еден во низата скандали кои го тресаат Министерството за труд и социјална политика. Сведоци бевме на гризнато дете во скопска градинка, бегство на малолетници и бремоност кај штитенички од Домот 25 мај, до трговија со деца и детска проституција, вели Змијанац.

Од Министерството за труд и социјална политика, вчера испратија инспекција во гевгелиската градинка. Најавија санкции доколку се утврди вина. „Директорката на градинката е задолжена да ја утврди фактичката состојба, односно ако најде докази дека со повредата на прописите е сторен прекршок, потешка повреда на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и работните задачи или кривично дело, да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, иницијатива за покренување на дисциплинска постапка или пријава за сторено кривично дело“, соопштуваат од МТСП.

Деца во игра

Истрага за случајот е отворена и во Канцеларијата на народниот правобранител. Овој случај ја отвори уште еднаш дилемата која е се позачестена во јавноста и грижата на сите, каде и колку се сигурни нашите деца?