На 10 август ќе биде отворен „Сараевски филмски фестивал“ на кој во детската програма ќе учествува краткиот игран филм „Мишко“ – приказна за тивкото и повлечено момче Ангел кое оди со другарчето Мишко да берат јаболка. Како што минува денот, Ангел сѐ повеќе се соочува со суровоста на Мишко и своите родители.

 

Режисер и сценарист на филмот е 18 годишниот Ханис Багашов, продуцент и кинематографер е Самир Љума, монтажата е на Радован Петровиќ, музиката на Златко Ориѓански, костимите на Мирјана Јосифоска, дизајн на звукот на Зоран Проданов, а колорот на Андреј Ѓорѓиевски.Улогите ги толкуваат Марко Ристоски, Тарик Рамадани, Верица Недеска, Игор Ангелов и Веда Спасовиќ.

Филмот ја имаше својата премиера на ,,Скопje филм фестивал” во април годинава, а оттогаш беше прикажан и во Италија, Црна Гора, Албанија, како и на неодамнешниот „Бич филм фестивал “ во Охрид. Селектиран е и на фестивалот за краток филм во Љубљана, како и во Карловац, Хрватска. Добитник е на специјалната награда за млади на Balkan Film Food Festival во Поградец, Албанија.Филмот е во независна продукција.

 

Инаку, на 24-то издание на СФФ на публиката ќе ѝ бидат понудени вкупно 266 филма од 56 земји. Фестивалот ќе го отвори филмот „Студената војна“ на оскаровецот Павел Павликовски, кој за овој филм ја доби наградата за режија на Филмскиот фестивал во Кан. Во програмата „Опен еар“, која традиционално привлекува најмногу посетители, ќе биде прикажан новиот филм на Асгар Фархади, „Сите знаат“, со Пенелопе Круз и Хавиер Бардем во главните улоги Овој афирмиран ирански режисер годинава е и на чело на жирито во Сараево, кое ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција.