Ретро медиуми – ретро култура

Кога телевизиските програми беа другари во растењето на децата 

Пишува М-р Татјана Гогоска 

“Светот има осум страни”, четири од нив се светски а четири детски, се почетните стихови на насловната шпица на оваа серија емитувана скоро пред 20-тина години.

Мислејќи на децата како на гледачи за кои вреди и треба да се создава, серијата беше снимана во две продолженија од по осум епизоди. Во неа сценаристот Велко Неделковски, во секоја епизода раскажуваше по една обична приказна од животот на секое дете, зачинета со многу хумор, забава и задолжителна едукација,како што умее да каже овој многу плоден и еминентен автор за деца кај нас. Серијата е студиски снимана под режисерката палка на Томче Стојков. Покрај одличниот прием кај децата се закити и со Меѓународна награда за музичка, видео и содржинска најавна шпица на Фестивалот “Голден амфора”. Насловната шпица ја испеа Марија Арсовска а ја создадоа: текст- Велко Неделковски и музика – Миодраг Божиновски.

Децата учесници заедно со возрасните актери уживаа во снимањето на истата а пораките што ги испратија до децата останаа запаметини кај многу тогашни генерации најмлада публика.

Приказните за слаткарницата Либноза, за чудното дете Жими- Жими, за мис Бонбонета, за другарчето Жан- Пјер се дел од оние чудни и многу интересни места и личности што живеат во оние четири страни кои се само детски. Потребата децата да комуницираат со телевизијата како медиум е неспорна. Создавањето на позитивни ликови со кои децата како публика ќе се идентификуваат  се покажа како вреден позитивен услов за нивниот правилен развој. Многу истражувања на детската психологија и воопшто на комуникологијата го докажаа ова, но за жал последниве и повеќе од 10 години телевизиската продукција и покрај огромната потреба за најмладите целосно замре.

Појавувањето на само еден проект, кој колку толку го задржува вниманието на некои деца а тоа е проектот “Петко” е недоволно, скоро и незабележителен во однос на она колку е потребно да се прави во продукцијата за деца и млади.

Но, од друга страна медиумите се тие кои треба постојано да укажуваат, потсетуваат и алармираат за да се разбуди медиумската свест по овој проблем. Само така има барем малку надеж следните генерации да пораснат со некои нови јунаци од некои нови серии и емисии.