Книжевниот гласник „Синтези“ во својот нов број (45) објавува антологија на  македонската поезија во која се застапени 28 автори, од основоположникот на современата македонска поезија, Кочо Рацин и претставниците на првата повоена генерација Славко Јаневски, Блаже Конески и Ацо Шопов, до Ристо Лазаров, Катица Ќулавкова, Бранко Цветкоски и Славе Ѓорѓо Димоски. Составувач на антологијата и автор на предговорот „Традиција, современост и континуитет“ е Раде Силјан.

Во посебен блок „Синтези“ објавува избор од поезијата на неодамна починатиот бард на македонската поезија Матеја Матевски. Песните се објавени на македонски, француски, италијански и шпански јазик Во текстот под наслов „Згуснато време“ омаж  за творештвото на Матеја Матевски пишува Веле Смилевски.

Новиот број на „Синтези“ донесува и есеистички, поетски и прозни прилози од Ферид Мухиќ, Санде Стојчевски, Лира Бојку, Драгица Најческа Филип Клетников, Михајло Свидерски, Звонко Таневски и Иван Доровски.