Во недела, во 19 часот на плоштадот Магнолија во Битола, МКЦ – Битола организира јавен настан за одбележување на Меѓународниот ден на млади 2018. Настанот има цел да ја потенцира улогата на младите како суштински партнери во промените во општеството и можноста за подигнување на свеста за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Гости на настанот се младите луѓе од жонглерската група Acid Triple. Изведувачи кои сакаат екстремни начини на изразување, нивните перформанси претставуваат комбинација на жонглирање со оган, акробации и огнени илузии. Огнено доживување кое сите ги остава без зборови.

МКЦ – Битола е една од најпрепознатливите младински организации во Република Македонија. Во периодот од 21 година постоење,  МКЦ – Битола се разви во одржлива организација со значајни капацитети за организирање на различни проекти и програми во Македонија, регионот на Југоисточна Европа и пошироко.

Инаку Меѓународниот ден на младите се одбележува секоја година на 12-ти август од страна на голем број млади и организации низ целиот свет со организирање активности за подигнување на свеста за подобрување на состојбата на младите во својата земја.