Семејство

Пишува М-р Т. Гогоска, извадок од книгата “Телевизијата и емоциите кај децата“

Емоционалниот развој на децата обврска на семејството

Концентрација важен сегмент во детскиот развој

Четири чинители учествуваат во формирањето на детето во здрава зрела личност од кој на прво место е семејството, потоа образовните институции, на трето место се воншколските институции и игри со врсниците а на четврто место се медиумите, меѓу кои најголемо влијание има телевизијата а во поново време и интернетот.

Но, никогаш во развојот на детето, посебно во неговиот севкупен емотивен развој семејството нема да го изгуби приматот. Пред се, тоа се родителите а потоа и поширокото семејство. Затоа научените и стекнатите особини на секое дете се од првите години во животот, оние што ќе ги стекнат во семејството. Сето тоа е основа за неговиот развој, комуникација и вклученост во сите понатамошни структури од градинка до студент, како се развива неговиот живот.

Неколку работи што родителите не смеат да ги заборават а тоа дека на децата треба да им посветуваат внимание. Читањето на приказни, сликовници и книги додека самото не се описмени е основа за развој на позитивен однос на детето кон книгата. Затоа се препорачува на децата да им читаат книги секогаш кога имаат можност и кога децата ќе им побараат. Со читањето се остварува близок контакт со детето и му се отвараат можности за негов севкупен емоционален развој.

Татко и дете

Следно што родителите не смеат да забораваат е да поминуваат што повеќе време во домот и надвор од него со детето, во игра, заеднички работи што ќе ги направи уште поблиски и ќе им ја развива креативноста. Секој заеднички поминат миг во семејството е голем благослов за детето во неговиот развој.

Заедничка работа во домот

Основите кои ќе ги добијат во семејството во правилна насока треба да продолжат да ги развиваат во градинките и училиштето како второстепено ниво по важност во развојот на децата. Најнапред градинките а потоа училиштето е центарот каде се одвива животот на детето вон домот и затоа е многу важен пред се од воспитен, но и социјален, емотивен и на крај образовен аспект.

Третиот многу важен сегмент на детето е вклучување во разни активности, исклучиво според желбите на детето, не наметнати од родителите, кои најчесто се нивни неостварени желби. Потребно е родителите да се подготвени да ги следат афинитетите и желбите на своите деца, со насочување во позитивни насоки. Игрите со другарчињата и дружбата со своите врсници е во оваа група.

Деца

Четвртиот елемент се медиумите, кои имаат големо влијание врз децата. Најголемо влијание има Телевизијата иако интернетот забрзано го зема приматот. Но, телевизијата како медиум може да се следи во рамки на целото семејство и оттаму е уште повлијателна.

Следен текст

„Телевизорот- центар на дневната соба “