Споменикот на слободата во Кочани ќе биде центар на културните настани, како дел од заложбата на локалната самоуправа со повеќе различни содржини да го заживее просторот што со години е запуштен.

Во петокот (ден порано од најавеното) беше одржан младински форум на кој младите дискутираа за тоа како членството на Република Македонија во ЕУ ќе придонесе за унапредување на можностите на младите луѓе во Кочани во поглед на образованието, вработувањето, културниот и социјалниот живот, инклузивноста и учество во демократските процеси на локално ниво. Дебатата бешe организирана во соработка со германската фондација „Фридрих Еберт“, како дел од Фридом мјузик фестивалот што се одржува викендов.

За в понеделник 20 август, на истата локација ќе биде прикажана театарската претстава „Солун, град на духови“, работена по текст на Русомир Богдановски, инспирирана од истоимената книга на Марк Мазовер, а во режија на Слободан Унковски.

Хрониката „Солун, град на духови“, од светски познатиот историчар и професор, Марк Мазовер, е објективна хроника на животот и случувањата во текот на пет века, во најзначајниот град на Македонија. Опфаќа период од турското освојување на Солун во 1430 година, па сè до депортацијата и холокаустот на 45.000 солунски Евреи во логорот Аушвиц. Русомир Богдановски инспириран од оваа историска хроника развива документарно играна драма возбудлива по настаните, судбините на луѓето и течењето на времето.Претставата е продукција на „Театар на Навигаторот Цветко“ од Скопје, со поддршка на Министерство за култура и на Музејот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Актерската екипа ја сочинуваат Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Стефан Вујисиќ, Мартин Манев, Горан Ников, Владимир Петровиќ и Наталија Теодосиева, која е родум од Кочани.Прикажувањето на претставата во амбиентот на Споменикот на слободата во Кочани, за актерскиот состав претставува исклучителен момент.
Во структурата на Споменикот на слободата, потполно отворена кон природата и социусот, обликувани се сцена и театрон со очигледен потенцијал. Тој е замислен да фукнционира како простор на интеракција, живот и соживот со оние кои го населуваат.