Во рамки на филмската програма на „МакеДокс 9“ вечерва од 21 часот во Куршумли-ан ќе бдие прикажан филмот „Другата страна на сѐ“ на српската режисерка Мила Турајлиќ.По „Синема Комунисто“, ова е вториот долгометражен документарен филм на Турајлиќ кој досега освои повеќе филмски награди. Авторката од здравствени причини нема да присуствува на „МакеДокс“, но присутна ќе биде продуцентката Ханка Кастелицова.

Филмската програма вчера беше отворена со полскиот филм „Како се станува папа“ на Јустина Митник, која одговараше на прашања од публиката по проекцијата на филмот. Потоа следуваше проекција на „Викај ме Тони“ на Клаудиус Хростовски.

Синоќа со заедничкиот пикник на „МакеДокс“ со „Синестетика“ беше означен и почетокот на студентската програма на „МакеДокс 9“, во рамки на која до 22 август ќе бидат прикажани вкупно 13 студентски филмови.

 

Во тек е и работилницата за изработување на фотографии со „мокар колодиумски процес“, на која десетина учесници со специфичен „дрес-код“ ја изучуваат техниката и откриваат мотиви за своите стаклени фотографии. Работилницата се одвива под менторство на Сашо Н. Алушевски, фотограф, и Предраг Узелац, самостоен фотографски соработник и асистент на Академијата за уметности во Нови Сад, Србија.

Утре, во Музејот на современата уметност ќе почне втората работилница на тема „Режирање реалност“ со полскиот автор Војцех Старон. Учесниците во трите дена ќе научат како да разговараат со публиката, користејќи подвижни слики и едноставност.На работилницата ќе бидат прикажани извадоци од неговите филмови „Сибирска лекција“, „Аргентинска лекција“, „Браќа“ и „Дон Жуан“, кои ќе дадат пример за режирање реалност на полски начин. Работилницата се организира со поддршка на Филмската фондација на Краков.