Деновиве излегуваат од печат обновени лектирни изданија на две книги од  Александар Кујунџиски. Станува збор за книгите „Сакам книга“ и „Природо, љубов моја!“, кои од септември влегуваат во редовната наставна програма како лектири за III, односно за IV одделение. Новите изданија имаат и нов, освежен изглед со илустрациите на Фросина Андревска.

„Сакам книга“ е избор од богатото творештво на Александар Кујунџиски. Содржи  раскази, песни, сказни и драматизации во кои ќе ужива секое дете. Како дел од едицијата „Мозаик“, оваа книга, првпат објавена во 2006 година, досега е преведена на 11 јазици: албански, турски, ромски, влашки/аромански, српски, хрватски, црногорски, босански/бошњачки, словенечки, германски и на англиски јазик. „Природо, љубов моја!“ е книга што целосно е посветена на природата и на грижата за неа, со која авторот Александар Кујунџиски е комплетно поврзан.

Александар Кујунџиски е роден во 1946 година во Пехчево. Основно образование стекнал во родното место, средно образование во Берово и во Куманово, а високо образование на Филозофскиот факултет во Скопје. Живеел во Пехчево, Штип, Берово, Куманово и во Скопје, а работел како хуморист во Радио Скопје, како новинар во Редакцијата за емисии за деца, како уредник на списанието „Ловец“ и како самостоен уметник – писател. Досега објавил над сто книги за деца и млади и десетина за возрасните читатели. Меѓу големиот број изданија со песни, раскази, сказни, басни, романи, сликовници, пиеси, радиодрами, гатанки и брзозборки што овој автор им ги посветил на децата спаѓаат и следниве: „Немирен ден“, „Другарувања“, „Капка по капка – океан“, „И од пиле млеко“, „Кралот Ал Со Крпен Шал“, „Мотошишарка“, „Расцветани сказни“, „Нека патува добрината“, „Театарче Клопотарче“, „Осилки“, „Одлична единица“, „Гатанки-катанки“, „Мои бои“, „Букви-укви-кви“, „Броеви-роеви“, „Зборчиња-изворчиња“, „Гнездо од бетон“, „И строфите растат“, „Штраке-штруке“, „Кој сака да биде космонаут?“, „Слики од детството“, „Глен – Супермен“.