Во галеријата „Коџоман“ во Струга вечер ќе биде отворена изложбата „Мултиплицирани реалности“ на авторите Мирко, Лидија и Марко Вујисиќ во организација на Музејот „Доктор Никола Незлобински“.Ќе бидат прикажани дела од областа на сликарството и графиката, кои публиката ќе може да ги види до 30 август. Во овој формат уметниците изложуваат првпат.

Лидија Вујисиќ е професор во училиштето за дизајн и ликовна уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје. Има реализирано 13 самостојни изложби во земјата и странство, а има изложувано на околу 150 меѓународни графички изложби меѓу кои Интерграфик – Берлин, Канагава – Јапонија, Биенале во Варна, во Белград, Белгија, Романија и други. Добитник е на 10 награди за графика од 1987 до 2016 година.

 

Мирко Вујисиќ е професор на Факултетот за ликовна уметност. Досега реализирал 24 самостојни изложби во земјата и странство со графики, цртежи и слики. Учествувал на преку 150 групни изложби на графика и цртеж. Добитник е на 15 награди за цртеж и графика во земјата и три меѓународни награди.

Марко Вујисиќ е млад македонски уметник кој завршил средно уметничко училиште, отсек графика. Студирал графика на ФЛУ и графика, сликарство во Белград и има завршена СЕМОС Академија за графички дизајн во Скопје.