Средба со режисерoт Миле Гроздановски, човекот кој од позади камерата со сета своја енергија и знаења со децении создаваше, телевизиска, филмска, документарна и музичка програма, која секогаш беше пред времето и затоа и сега е свежа и актуелна.

Со Миле работевме многу а и многу се дружевме, низ децениите телевизиско работење. Се сретнавме после повеќе години на ваков кафе-муабет, иако понекогаш летечки ќе се сретнеме и збор – два ќе си размениме. И после средбата додека го пишувам интервјуто, едно ми се потврдува, за секој човек е важно низ професијата и приватниот живот да си направи спомени на кои со радост ќе се сеќава. Токму такви имаме јас и Миле.

Интервјуто го водеше М-р Татјана Гогоска -главен и одговорен уредник на www.културно.мк

културно.мк – Миле поминаа многу децении на твоја беспрегорна и беспрекорна работа во телевизија, но кога размислував како да го почнам разговорот со тебе, одлучив вака: “Опстанок” играна серија во 10 епизоди, револуциуонерна по многу нешта во играната продукција за деца. Ти беше диригентот, т.е. режисерската палка на текст од Трајче Крстевски. Како го создадовте “Опстанок”?

 

Сцена од Опстанок

– “Опстанок” се снимаше 1989-90,  а 1991 – ва година ја промиваравме серијата. После повеќе од шест месеци сериозни подготовки и откако ги избравме сите локации, актери  реквизити…откако се подготвивме и ги исчекавме сите годишни времиња кои беа потребни за дејството, серијата беше снимена. Снимањето беше строго професионално, со високи стандарди, кои во меѓувреме во продукцијата се изгубија. Тогаш се работеше по високо професионални стандарди. Имавме кучиња како актери со дејство, кои беа дојдени со професионален дресер од Белград. Имавме многу актери, меѓу кои четирите главни ликови беа деца. За нив имавме и лекарска екипа со нас, и наставник кој ги чуваше, се беше организирано да биде максимално безбедно. Имавме и магаре со сцени кои не беше лесно да се снимат, имавме над 100 луѓе екипа, стари куќи, предел кој е ненаселен и тежок за работа. Ама, сите од прв до последен, од мене како режисер, продуцентите, организаторите, актерите, снимателите, сите што беа дел од тимот беа максимално професионални и се беше организирано. Едноставно се почитуваше редот од страна на сите и затоа направивме одличен производ. Кога продуцентот Димче Ефтески ќе кажеше дека во 7 наутро треба да сме на терен на Црна Река -Мариово, тоа беше закон. Никој не доцнеше, сите бевме со една мисла да одиме да работиме. Уживавме во создавањето на производ- играна серија за деца на кои многууууѕ генерации деца уживаа и сеуште со радост ја гледаат.

 

“Исправи се Делфина”- сцена од снимање

културно.мк – Почна во “Вардар филм” со голема љубов кон филмот а потоа прејде во РТ Скопје? Како се случуваше тоа?

Првите 4-5 години од мојата професионална определба работев во Вардар филм. Почнав како кастинг продуцент на неколку проекти, па станав помошник режисер, на режисерскиот бренд од тоа време Александар Ѓурчинов на филмот “Исправи се Делфина”, а снимив и неколку документарци, кои беа почетоците во мојата режисерска работа.

Се случи тогашниот директор на Радио Телевизија Скопје, почитуваниот Матеја Матевски, да ме викне и да ми понуди вработување, за снимање на големата документарна серија “Универзитетите на Европа”. По некое време двоумење прифатив, дојдов во тогашната Телевизија Скопје и останав до пензионирањето.

Универзитетот на Англија

Таа серија беше исто голем професионален предизвик. Ја работевме во соработка со Универзитетите низ Европа две години. И навистина во тоа време беше револуционерен телевизиски проект во рамки на образовната програма.

 

 

културно.мк – Работевме заедно на неколку телевизиски проекти: “Во светот на бајките”, “Дајте музика +” , кое прифати да го работиш заради мене, инаку си познат по тоа што секогаш нешто почнуваш, па оставаш други да ги продолжуваат проектите, музичката серија “Здраво генијалци” , бројни  Детските фестивали…музички емисии, документарни репортажи….и не ми текнува. Имаше многу.

-Да! Работев за деца и со деца многу. Мојата прва серија за деца беше “Случки од животот”, со цела актерска елита и секогаш многу статисти.

 

Потоа дојдоа исто за деца, сериите ” Ајде да се дружиме”, “Чук чук Стојанче”,  “Шарам барам”, кој беше еден нов бран и донесе нов дух во програмата за деца реализирана само со деца. Потоа се  појави одличниот текст на “Опстанок” од сега покојниот  автор Трајче Крстевски, кој имаше идеја да направиме и продолжение, но за жал не успеавме да го реализираме.

Сцена од Маѓепсаниот мост

Ги работевме “Во светот на бајките” , прекрасна серија со одлична екипа со која јас  како режисер снимив 19 епизоди. Тоа е  навистина многу убав проект, кој и секојдневно да се емитува ќе биде гледлив и интересен, со фактот пак што од таков голем подем на играна програма посебно за најмладите, сосема згасна. Едноставно наискусни и неуки луѓе, кои дојдоа како раководители на телевизиите и газди на продукциите направија сосема да исчезне.

 

Првата епизода од овој серијал “Во светот на бајките”, на текст од Велко Неделковски по мотиви на македонска бајка  “Маѓепсаниот мост “, беше примена во топ пет играни програми на Светски Фестивал во Бомбај -Индија, каде за жал не успеавме да отидеме иако најмногу ти се потруди- ме потсетува Миле. Прекрасните текстови со назнака дека концептот беше, непознати бајки од светот  да откриеме и да им  донесеме нешто ново за децата. Одличните костими, преубавиот најавен сонг “Во светот на бајките “(Васил Пујовски- Славе Димитров ), сиот тој комплет даде преубав производ.

 

Дајте музика+

Потоа го работевме како што спомна продолжението на Дајте музика+.  Серијата беше многу популарна и сеуште е. Потоа дојде музичката серија “Здраво генијалци ” првата копродукција со Панде Димитровски од Битола некогашниот продуцент на најдобриот музички фестивал за деца “Си-До”. Работевме и фестивали и секаков вид програми: документарни образовни и музички.

 

Најмногу во тој сегмент работев за деца, за возрасни сум снимил само две драми. Но, кога се заситив од тој вид на продукција, отидов на нов предизвик кој ме направи комплетен, затоа што многу сакав и сеуште сакам тоа да го работам а тоа е Музички фестивали, преноси, работа во репортажна кола, големи настани каде сето она што го научив можам да го употребам.

 

На сет

културно.мк – Сега кога веќе ги живееш пензионерските денови, сигурно има на што да се сеќаваш. Многу снимања, многу случки(ги паметиме само убавите ), патувања, дружења. Сепак оваа професија има покрај многу тешкотии и недостатоци има и многу предности.

-Многу спомени сега ми навираат. На пример еве од снимањето на “Опстанок”,  како ги снимавме сцените со надојдената вода и невремето. Беа ангажирани професионални нуркачи кои нуркаа за време на снимањето и плус два чамци лево и десно а ние снимаме под вештачки или природен дожд и ако треба и неколку пати повторувавме. И никому не беше тешко. Преубави спомени од многу патувања. Ако ги иземам Евровизиските и оној споменат проект Универзитетите на Европа, преубави ми беа патувањата во Порторико заедно со тебе и нашиот Назим Пертеф-Пепи снимателот, и во Каиро на Меѓународниот фестивал каде бевме повторно со Пепи и држевме работилници за тоа како се снимаат играни програми а токму повод беше  серијата “Опстанок”.

 

Порторико- Пристаниште Палмас дел Мар- Миле и Пертеф позади камерите.

Јас го потсетив Миле на претпоследниот ден во Палмас дел мар, преубавиот хотелски комплекс во Порторико, некаде на јужниот дел на овој волшебен остров во близина на градот Хумакао. После две недели требаше  да се вратиме назад. Секој од екипата реагиравме на свој начин. Ние женските одевме во незаситен шопинг, некои не престануваа да пијат порториканска текила, некои сакаа да се изнауживаат во базените околу апартманот а нашиот Миле цел ден пред тоа , се подготви за враќање. Го прашав зошто така? Па, ми треба време да се подготвам да го напуштам сето ова за да не ми биде тешко! Таков е Миле.

 

 

 

-Секогаш ми било предизвик на патувањата да научам нешто- продолжува Грозданоски. Така беше во Анкара пред 24 години, од исто едно наше заедничко патување на Меѓународниот фестивал на детето. Отварањето на Фестивалот беше пред Парламентот на Турција а го снимаа со три репортажни коли и 14 камери. Кога видов една камера на кровот горе отидов да видам како ја поставиле. Тоа тогаш кај нас го немаше. Или во Холандија во Телевизијата во Амстердам, или во ББС и на било кое друго место каде што сум имал можност.Од секаде сум учел едноставно сум “купувал” знаење.

 

 

културно.мк– Колку нешта имаш недокажани како режисер ? Имаш ли нешто што би сакал да го направиш на професионален план а не си го направил или да го повториш?

-Јас се потрудив во професијата…..работев што би рекле сега во модерниве времиња 24-7, работев многу и не оставив нешто кое би ми бил неоставарен сон. Работев многу Фестивали.” Мак фест”,” Скопски”, “Охрид фест”, Избор за Евровизија, поодамна и “Цветници”, “Серенада” ..сите се дел од мене т.е. во сите нив има голем дел од мене. Последните години пред пензионирање многу снимав и Македонски народни приказни. А, она што сакам да го повторам е снимање на една играна серија или ТВ филм, професионално како некогаш што работевме. На добар текст, со одлична екипа и продукциска и актерска. Тоа би сакал да го изработам уште еднаш. Онака -вистински.

 

На снимање -Македонски народни приказни

културно.мк– Сега од пензионерска перспектива мислиш дека сепак семејството и најблиските имаат приоритет? Дека професијата е секундарна и дека сите многу брзо те забораваат, откако ќе заминеш во пензија?

– Па тоа е така. Те забораваат, или пак имаш чувство дека тоа е време кое останало некаде далеку а сега сепак семејството е примарно. Јас сум врзан за моето семејство затоа што сум емотивен. Сеуште ја имам мајка ми Косара која на свои 99 години, не се дава и покрај обврските ме прави среќен. Сестрите, внуците и се разбира моите два сина за кои со сопругата го осмислуваме нашиот живот, иако тие веќе се возрасни и секој живее свој живот.

И за крај на интервјуто уште едно навраќање на поводот за разговорот а тоа е одличната безвременска серија “Опстанок”