Од пред три години, се појавија повеќе активности врзани за образование од една друга страна а тоа е вклопување на Македонските, настани, личности и живот во Википедија. Тоа беше повод за разговор со првиот човек на оваа организација со кратенка ГЛАМ, Снежана Штрковска.

Разговорот го водеше м-р Татјана Гогоска

културно.мк- Од кога постоите како организација и што е кратенката ГЛАМ?

ГЛАМ Македонија е непрофитно, невладино и непартиско здружение, чија главна цел е прибирање, умножување и споделување на слободни содржини, исклучиво на непрофитен начин, како и промоција на идејата дека сите луѓе треба да имаат еднаков пристап до знаењето и образованието.

Здружението е регистрирано на 7 февруари 2016 година во Република Македонија и делува како признат огранок во нашата земја од страна на фондацијата Викимедија. Фондацијата Викимедија е непрофитна меѓународна организација која ги координира активностите на признатите независни ограноци низ светот, со кои ја има истата цел:

 

збогатување на Википедија со содржини, како и останатите јазични Вики проекти. Википедијанците, кои се основачи на ова Здружение, како и останатите членови, се собрани околу идејата за збогатување на Википедија на македонски јазик. Бројот на членови според потпишани пристапници до сега е 88.

 

Името ГЛАМ е акроним од англиските зборови за: G – gallery (галерија), L – library (библиотека), A – archive (архив), M – museum (музеј). Ова е позната кратенка во википедијанскиот свет, и подразбира соработка со тие институции што се набројани, како и со сродните институции.

 

 

културно.мк- Што е вашиот опсег на активности?

Работиме пред сè на збогатување на Википедија на македонски јазик, и тоа во две области: ГЛАМ  и образование. Програмата ГЛАМ – има за цел збогатување на содржините на Википедија преку сорботка со институциите што спаѓаат во ГЛАМ секторот (галерии, библиотеки, архиви, музеи и сродни институции, оттаму и името на ова здружение), меѓу кои: Музеј на македонската борба во Скопје, Државен архив на Република Македонија, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, Институт за национална историја (ИНИ), општина Карпош, и други.

Првиот Википедијанец во соработка со ГЛАМ Македонија го прими Државниот архив на Република Македонија. Втората соработка е воспоставена со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, а третиот потпишан договор за испраќање на Википедијанец е воспоставен во соработка со Институт за национална историја (ИНИ) во Скопје. Идејата на ваквите соработки е да се проверуваат текстовите кои веќе постојат на Википедија на македонски јазик, (засега работиме на тема историја), како и да се создаваат нови, или да се надополнат со референци, слики и текст, сето ова во согласност со македонската наука. Целта е да ја направиме Википедија на македонски јазик место каде може да се прочитаат точни информации.

 

Од досегашната соработка со ГЛАМ секторот во Македонија, за употреба на Википедија се ослободени повеќе од 2600 фотографии и документи поврзани со историјата на македонскиот народ, создадени или подобрени се повеќе од 1000 статии. Исто така, додадени се повеќе од 650 референци на постоечки статии, и извршена е обука за уредување на Википедија на вработени во ГЛАМ секторот.

 

Што се однесува до образовната програма на ГЛАМ Македонија, таа има за цел збогатување на Википедија со нови содржини како и проширување на постоечките, преку соработка со училиштата. Оваа програма се одвива пред сè преку основање и одржување на Вики Клубови во Македонија, обука на мклади и возрасни за уредување на Википедија, потоа одржување на Вики конференција за наставници, која  е еднодневна обука и запознавање на наставниците со можностите кои ги нуди Википедија, како и со начините на кои Википедија може да се употреби како наставно средство. На крајот, организирање на Вики Камп, што претставува заедничко дружење и уредување на Википедијанците  ученици во траење од три дена.
И како посебен вид на проект, е поврзувањето на програмите ГЛАМ и образование, односно организирањето на уредувачки ден во некоја ГЛАМ институција. Активноста (најчесто во траење од четири часа) се одвива на следниов начин: се поканува група на ученици, кои прво се запознаваат и ја разгледуваат институцијата, предводени од некој од вработените во таа институција, а потоа создаваат статии на теми, за кои материјалите се обезбедени од самата институција. Ваков вид на уредувачки маратони досега се органзиирани во соработка со: Општина Карпош, Општина Старо Нагоричане, Државниот архив на РМ, Воениот музеј на Македонија, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, во Музејот на македонската борба во Скопје, како и во соработка со членови на хорот „Артизан“ кога се пишуваше на тема – музика.

културно.мк- Колку во Википедија има зголемено присуство на нови уредувачи откако вие функционирате?

Досега за три години имаме обучено повеќе од 350 лица за употреба и уредување на Википедија. Се разбира, не се сите активни, но бројката на активни уредувачи на Википедија на македонски јазик се движи околу 100 уредувачи годишно.

 

културно.мк-Гледам вклучувате и млади, како оди тоа?

Младите се вклучени во образовната програма, и тоа преку Вики Клубовите.  Првиот Вики Клуб во Македонија е основан во соработка со Музејот на македонската борба во Скопје, и ја започнa својата работа на 19 октомври 2016 година. Овој Вики Клуб работи секоја среда во просториите на Музејот, од 15 до 18 часот. Досега само во овој Вики Клуб обуката за уредување на Википедија ја поминале над 150 лица. Покрај него, ние водиме уште два активни Вики Клубови, и тоа во Старо Нагоричане, клубот работи во рамките на училиштето „Светозар Марковиќ“, и во Охрид, клубот работи во рамките на училиштето „Кочо Рацин“.

Вики Камп, пак е научно-образовен камп кој го организира Здружението на граѓани ГЛАМ Македонија. Кампот е тродневен настан во кој учествуваат ученици при што тие се ангажирани за создавање нови статии на Википедија на македонски јазик, како и збогатување на постоечките. Самиот Вики Камп, покрај главната негова цел, вклучува и посета на природните убавини и богатства во местото во кое што се одржува, како и разгледување на културно-историски знаменитости. Дополнително на тоа, учесниците имаат спортско-рекреативни активности, а сето тоа е проследено со голема забава и дружење и развивање нови другарства и пријателства. Учесниците на Вики Камп се згрижени од наставници и активисти на ГЛАМ Македонија.

Создавањето на нови статии и збогатувањето на постоечките од страна на учениците се врши преку превод од изворен текст на статија на друг јазик (најчесто од англиската или српската јазична Википедија), како и внесување на текстови или делови на текстови од академски изданија. Внесувањето текстови, уредувањето на Википедија и збогатувањето на содржината е набљудуванo од искусни корисници на Википедија и уредувачи кои имаат долгогодишно богато искуство во рамките на оваа семрежна енциклопедија.

Првиот Вики Камп се одржа во Берово, од 15 до 17 декември 2017 г., каде зедоа учество 55 ученици од 10 школи од Македонија. Учесниците на Вики Кампот за три дена создадоа околу 200 нови статии на Википедија на македонски јазик, што се смета за добар резултат, а најуспешните беа наградени. Годинава Вики Кампот ќе се одржи во Дојран, од 7 до 9 септември, и сме во активна подготовка на истиот: осмислување на програмата, договори со хотелот, превозникот, наставниците, составување на списокот на учесниците, и слично. Се очекува учество на околу 50 ученици од околу 10 различни основни и средни училишта во Македонија.

 

Инаку, накратко во бројки, во Вики Клубовите до август 2018 г. се обучени 195 ученици, создадени се над 1130 нови статии, околу 2000 постоечки статии се надополнети со содржина; а повеќе од 150 наставници ја поминале обуката на Вики конференциите.

 

 

културно.мк- Патувања, конференции, што е нивната суштина?

Патувањата поврзани со Википедија се некогаш наградни, односно се доделува платено патување заради уредување на статии, но најчесто се органзиираат конференции на светско ниво или регионални, на кои се собираат и споделуваат искуства активните Википедијанци и оние кои работат на организирање на настани. На конференциите учествуваат членови на ГЛАМ Македонија, каде ги изнесуваат активностите и постигнувањата на нашето здружение, и воедно учат и дознаваат нови проекти и пристапи кои се веќе спроведени некаде низ светот.

 

културно.мк- Кои се вашите следни активности?

Покрај активното организирање на претстојниот Вики Камп во Дојран, преговараме за потпишување на договори за соработка со други институции, сè со цел да ја направиме Википедија на македонски јазик место каде може да се прочитаат точни информации. Исто така сме во преговори за отворање на нови Вики Клубови, како и ангажирање на ученици од школи со кои не сме соработувале досега.

културно.мк- Снежана Штрковска, каков предизвик е оваа работа за вас?

Да се работи со ученици не е ново за мене, бидејќи по професија сум професор по литература и македонски јазик. Кога ги обучувам за уредување на Википедија, и кога ќе напишат и објават нова статија, нивната насмевка ми е наградата. Задоволство е да се придонесува во споделување на знаењето, задоволство претставува и тоа што учениците учат правилна употреба на македонскиот јазик, учат како се преведува од странски јазик на македонски, и што е најважно – учат да пишуваат текстови од неутрална гледна точка.

Пишувањето на Википедија, пак, ми е пасија уште од 2008 година, и имам напишано над 1000 нови статии на различни теми, а надополнето со текст повеќе од 7000 постоечки статии. Јас се пронајдов себеси во оваа работа, која морам да нагласам дека е на волонтерска основа, бидејќи ние како непрофитно здружение на граѓани зависиме од донации и грантови, што значи дека најголем дел од работата се завршува неплатено. Покрај обврските поврзани со здружението, јас сум активен член на неколку комитети при фондацијата Викимедија, каде исто така се работи на волонтерска основа. На пример, од 2014 година, како член на комитетот за доделување грантови, учествувам во донесувањето одлуки кои проекти и со колкав буџет ќе бидат финансирани од страна на фондацијата.