Од денеска (сабота 1 септември) почнува кампањата за бесплатна идентификација и регистрација на домашните миленици (кучиња и мачки) што ќе трае до 31 март идната година или до потрошувањето на набавената колична од 100.000 микрочипови. Ќе се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“.

За спроведување на кампањата Агенцијата за храна и ветеринарство склучи договори со 135 ветеринарни друштва кои ќе извршат бесплатна апликација на микрочипови кај домашните миленици  и ќе ги внесат податоците во информативниот систем на агенцијата. Сопствениците ќе треба да платат само 120 денари за издавање на пасош за домашен миленик што ќе можат да го употребат при патување надвор од државата. На веб-страницата на АХВ ќе биде објавена листата на ветеринарни друштва со кои е склучен договор во која ќе стојат телефонските броеви и електронската пошта на ветеринарното друштво за да можат сопствениците да стапат во контакт.

Секој сопственик има законска обврска да го микрочипира својот миленик и доколку  не ја спроведе предвидена е санкција од 30 евра во денарска противврредност. По завршувањето на кампањата АХВ ќе спроведе зајакнати контроли за да провери дали сопствениците извршиле идентификација и регитрација на нивните домашни миленици.

Постапката е безболна процедура која не носи никакви ризици, бидејќи  микрочипот е во големина на зрно ориз и е направен од бикомпатибилен материјал и не создава никави реакции при апликацијата. Граѓаните кои нема да ја искористат бесплатната апликација за микрочипирање ќе треба да платат 800 денари само за микрочипот и дополнителни средства за апликацијата. Проверка дали некое домашно милениче е чипирано ќе се прави доколку биде заловено и однесено во прифатилиште. Доколку  се утврди кој му е споственик ќе се стапи во контакт со него, а доколку не било микрочипирано се плаќа казна од 50 до 75 евра. Микрочипирањето ќе помогне и при пронаоѓање на изгубени миленици, а сопред проценките на АХВ ќе придонесе и за намалување на проблемот со кучињата скитници.