Актерот Благојa Чоревски-Чоре е  добитник на единствената награда на Mеѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ 2018, на десеттото издание на Фестивалот кој се одржува во Крива Паланка.

Наградата е заслужено признание за долгогодишниот професионален опус во актерството, во театарот ,телевизијата и на филмот но и за неговиот децениски ангажман како  активен општествен и културен рбаотник во Македонија.

-Престижното признание „Свети Јоаким Осоговски“ за мене претставува голема чест од повеќе причини. Најпрвин поради фактот што го носи името на еден исклучително значаен светец во православието ширум светот кој бил познат и по своите исцелителни моќи, потоа заради огромното духовно и културно значење  на еден од најубавите манастири во Република Македонија и секако затоа што сум вклучен меѓу знаменитите досегашни добитници на оваа награда како што се Милица Стојанова, Мето Јовановски, Зафир Хаџиманов, Јордан Плевнеш, Јелена Жугиќ, Петар Темелковски, Шенка Колозова – истакна Благоја Чоревски по веста дека е добитник на наградата.  (според објавениот текст на порталот на Општина Крива Паланка http://www.krivapalanka.gov.mk  )

Фестивалот  ќе се одржи од 14 до 22 септември во Крива Паланка, а престижната награда  ќе му биде врачена со свечена пригода на 14 септември, на почетокот на Фестивалот.

Според Фестивалската програма оваа година ќе бидат изведени осум претстави со театри од Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија, а во придружната програма ќе бидат промовирани неколку книги од областа на театарот и ќе бидат отворени неколку изложби на фотографија.