Гостивар доби модерен спелеолошки тренинг центар, во кој млади спелеолози ќе можат да ги истражуваат, мониторираат и зачувуваат пештерските убавини во овој крај.Тренинг центарот е дел од проектот „Зајакнување на локалните капацитети за истражување и конзервација на природното наследство на пештерата Убавица“, еден од вкупно 25 грантови од Програмата за зајакнување на управувањето со заштитените подрачја, финансирана од Европската унија и од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). 

Во првата фаза на проектот се извршени градежни работи за реконструкција и санација на просториите на Општина Гостивар во село Вруток, по што беше објавен оглас за следење на обука за спелеолошко истражување. Заинтересирани кандидати, следеа интензивна обука практични вежби и предавања за истражување на ендемични видови, био-спелеолошко и геолошко истражување како и 3Д ласерско топографско снимање на пештерата Убавица, која се наоѓа во планините над Гостивар во околината на село Ѓоновица. За спроведување на обуката на локалните спелеолози, имплементаторите на проектот, Спелеолошкиот клуб Кораби и општина Гостивар, поканија светски познати истражувачи од Италија од здружението Персефоне.

Pрвиот дел од практичните вежби се одржаа во тренинг центарот, додека вториот дел од вежбите се одржаа во пештерата Убавица.За спелеолозите и други љубители на пештери се подготвува и Упатство за техниките и алатките кои се употребуваат во оваа наука, изработено од италијански научници и одобрено од Италијанската федерација на спелеолози.