„Македоника литера“ од Скопје, деновиве го објави романот „Шумата на обесените“ од романскиот писател Ливиу Ребреану, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова.„Шумата на обесените“ (1922) е класичен психолошки роман за Првата светска војна, во кој авторот го изнесува својот гнев од личните искуства со австроунгарската војска и судбината на неговиот брат Емил Ребреану, офицер во австроунгарската војска, кој бил осуден за шпионажа и дезертерство, а во 1917 година бил обесен.

Во романот Ребреану ги прикажува страдањата и тежината на животот за време на Првата светска војна преку ликот на Апостол Болога. Тој е од Трансилванија, која тогаш била дел од Австроунгарската Империја, а кој й се приклучил на австроунгарската војска. Исто како и неговиот брат, ликот Болога е одликуван со неколку медали за чест и храброст. Сепак, кога Романија се приклучува кон војната, тој треба да избере помеѓу државата на која й служи и нацијата на која й припаѓа.Според романот, во 1965 година, е снимен игран филм.

Ливиу Ребреану (1885 – 1944) е романски писател, новинар и академик. Роден е во Трлуша, како прво од 13 деца на Василие и Лудовика Ребреану, кои подоцна стануваат негова инспирација за фамилијата Херделеа која се појавува во неколку негови романи: „Јон“, „Буна“, „Горила“ и други. Двајцата негови родители потекнуваат од селски фамилии, меѓутоа мајка му била страстен обожавател на театарот, а татко му станал учител во основно училиште во Мајеру и истовремено бил и негов наставник. И покрај тоа што го привлекувала медицината, бидејќи би бил преголем трошок за неговите родители, не се запишал медицина, туку од 1903 до 1906 година учел на Унгарската кралска воена академија „Лудовика“ во Будимпешта. Бил потпоручник во австроунгарската војска во Гјула, но дал отказ во 1908 година за да се посвети на новинарството и на творештвото, што било големо разочарување за неговите родители. Тој нелегално ја преминал Трансилванија за да стигне во Кралството Романија. Во јануари 1910 година, на барање на австроунгарската влада, бил екстрадиран и лежел во затвор.

Првата негова книга е објавена во 1912 г. – изборот новели со наслов „Маки“. За време на Првата светска војна продолжил да објавува новели, а во 1920 г. го објавил романот „Јон“, кој се смета за прв модерен романски роман. За романот „Јон“ ја добил престижната награда на Романската академија, а во 1939 г. и самиот тој станал член на Академијата. Од 1928 до 1930 г. раководел со Националниот театар во Букурешт, а од 1940 до 1944 г. бил претседател на Сојузот на романските писатели.

Во почетоците на своето творештво пишувал на унгарски јазик, но потоа продолжил на романски. Има напишано голем број новели, драми, социјални романи, психолошки романи кои претставуваат пресврт во романската литература и националната култура.