Половина од учениците на возраст од 13 до 15 години во светот (околу 150 милиони) пријавуваат дека доживеале насилство од врсниците во и околу училиштето, според новиот извештај на УНИЦЕФ.

Врсничкото насилство – измерено како број на деца кои пријавиле дека биле малтретирани во последниот месец или дека се вклучиле во физичка пресметка во последната година – длабоко навлегува во образованието на младите од целиот свет. Тоа влијае врз учењето и благосостојбата на учениците како во богатите, така и во сиромашните земји.

 

„Образованието е клуч за градење мирољубиви општества, а сепак, за милиони деца низ светот, самото училиште не е безбедно“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ Хенриета Фор. „Секојдневно, учениците се соочуваат со многу опасности, вклучувајќи тепачки, притисок да се вклучат во банди, малтретирање – лично и на интернет, насилна дисциплина, сексуално вознемирување и вооружено насилство. Краткорочно, тоа влијае на нивното учење, а долгорочно, може да доведе до депресија, анксиозност, па дури и самоубиство. Насилството е незаборавна лекција што ниедно дете не треба да ја научи.“

Во извештајот се посочуваат различни начини на кои учениците се соочуваат со насилство во и околу училницата. Според последните достапни податоци од УНИЦЕФ:

  • Во светот секој трет ученик на возраст од 13 до 15 години доживува малтретирање, а приближно ист процент се вклучува во физички пресметки.
  • 3 од 10 ученици во 39 индустријализирани земји признаваат дека малтретирале врсници.
  • Во 2017 година, имало 396 документирани или потврдени напади врз училишта во Демократска Република Конго, 26 врз училишта во Јужен Судан, 67 напади во Сириска Арапска Република и 20 напади во Јемен.
  • Речиси 720 милиони деца на училишна возраст живеат во земји каде телесното казнување на училиште не е целосно забрането.
  • Иако девојчињата и машките се подеднакво изложени на ризик од малтретирање, девојчињата имаат поголема шанса да станат жртви на психолошки облици на малтретирање, а машките се во поголем ризик од физичко насилство и закани.

Во извештајот се забележува дека насилството во училиштата со оружје како ножеви или пиштоли и натаму одзема животи. Тука се вели и дека во сè подигиталниот свет, силеџиите шират насилна, навредлива и понижувачка содржина со допир на едно копче.

 

Како дел од кампањата, во наредните месеци, УНИЦЕФ ќе одржи низа #КРАЈнанасилството младински дебати (#ENDviolence Youth Talks) низ светот. Серијата дискусии предводени од ученици ќе претставува платформа за младите да ги споделат искуствата со насилството и можност да кажат дека треба да се чувствуваат безбедно во и околу училиштето, а ќе биде и шанса за препораки до лидерите во светот. Во јули, амбасадорката на добрата волја на УНИЦЕФ, Лили Синг, ја отвори првата младинска дебата во Јужна Африка со група ученици на возраст од 13 до 19 години.

 

За ставање крај на насилството во училиштата, УНИЦЕФ и партнерите повикуваат на итна акција во -следниве области:

  • Спроведување политики и закони за заштита на учениците од насилство во училиштата.
  • -Зацврстување на мерките за превенција и одговор во училиштата.
  • -Повикување на заедниците и поединците да им се приклучат на учениците додека зборуваат за насилството и работат на промена на културата во училниците и заедниците.
  • -Поефективни и понасочени инвестиции во докажани решенија со кои им се помага на учениците и училиштата бидат безбедни.
  • Собирање подобри, расчленети податоци за насилството врз децата во и околу училиштата и споделување на она што функционира.

УНИЦЕФ ги поттикнува младите луѓе низ целиот свет да го кренат гласот за #КРАЈнанасилството во и околу училиштата и да ни кажат како соработуваат и какви решенија користат за #КРАЈнанасилството во и околу училиштата еднаш засекогаш. Дознајте повеќе на https://uni.cf/end-violence.