Сериите „Игра на троновите“ и „Прекрасната госпоѓа Мејзл“ се најголемите победници на 70. доделување на телевизиските награди „Еми“ што синоќа се одржа во Лос Анџелес.

Фантастичната серија на HBO, „Игра на троновите“, освои девет награди, вклучително и награди за специјални ефекти и каскадери и по третпат е прогласена за најдобра драмска серија.

Серијата „Прекрасната госпоѓа Мејзл“ ја доби наградата за најдобра комедија, а освои уште седум награди, меѓу кои и за најдобра актерка во комедија – Рејчел Броснахан.

За најдобра драмска актерка е прогласена Клер Фој за улогата на кралицата Елизабета во серијата „Круна“.

Метју Рајс ја зеде наградата за најдобар актер во драма за улогата на руски шпион во „Американци“.

Стриминг-сервисот „Netflix“ имаше најмногу номинации, вкупно 112, но на крајот заврши изедначен со HBO и 23 добиени награди.