Од 27 до 29 овој месец во Кочани ќе се одржи 27. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“. Годинава, културните содржини ќе се одржат во Градскиот парк.

Почетокот е резервиран за традиционалниот избор на жетварска убавица, кој ќе биде збогатен со настапите на танчарите Илија Карадакоски и составот Ит д’бит. Во текот на трите дена ќе има жанровски различна музика, со концерти на групите Баклава и Конкуајаринг Лајон, Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ, како и Драган Теодосиев квартет. Дел од концертите се обезбедени од проектот „Нов културен бран“ на Министерството за култура.

Централниот настан со кој се претставуваат традицијата и обичаите зажнејување и вршидба ќе се одржи на 29 септември на површини на Земјоделскиот институт во Кочани.Во рамки на годинашната програма ќе биде промовиран инфоцентарот „Пониква“ како туристички информативен центар за природните вредности во регионот на Осоговските Планини.Се очекуваат делегации од збратимените градови на Кочани, а во рамки на фолклорните гостувања ќе настапат состави од Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина.

Манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, чиј организатор е Општина Кочани, го популаризира оризот – симболот на кочанскиот крај. Таа е спој на традицијата и современиот уметнички израз и приказ на патот на оризот од нива до трпеза.