Книга – “АЛА ТУРКА – АЛА ФРАНГА” –ОБЛЕКАТА ВО СКОПЈЕ И БИТОЛА ВО ПЕРИОДОТ ОД КРАЈОТ НА 19 ВЕК ДО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА  од моден дизајнер Елена Максимовска

Модата и начинот на облекување во една општествена средина е одраз на нејзиниот целокупен културен и социјален живот. Оваа книга  е отсликување на еден многу важен период во промената на начинот на облекување во Македонија, со посебен акцент на главните општествени и културни центри, Скопје и Битола во периодот од крајот на 19 век до Втората светска војна.

Периодот во кој е лоцирано проучувањето е исполнет со специфичности во општата култура и уметност и во облекувањето. Карактеристичниот македонски костим се оформува како збир на повеќе модни потреби, влијанија, белези и детали, стиловите ала турка и ала франга како и влијанието на моменталната состојба на населението, вели во воведот на книгата авторот Максимовска .

културно.мк– За кого е наменета оваа книга, освен што станува вредно сведоштво на културата и традицијата па и историјата на македонското тло.

-Ова литературно четиво на сите вљубеници, проучувачи и следбеници на општествените и културните промени во Македонија во тој период, ќе им даде целосна слика за облекувањето во Македонија под влијание на историските промени, преку распадот на Отоманската Империја, Младотурската Револуција и на влегувањето на европското образование, култура, а оттаму и мода во секојдневното живеење кај нас.

Во книгата повеќе простор се посветува на стилот ала турка, кога во потенцираните историски моменти, полека но би се рекло на голема врата преку богатите и високообразовните слоеви на тогашното македонско општествено живеење навлегол и стилот ала франга. Тоа е затоа што од овој период како материјални податоци, елементи и сведоштва има од карактеристиките на стилот ала турка, што е разбирливо во согласност со условите од тој период, како што назначив. Европската мода со стилот ала франга го зела приматот неколку децении подоцна и преовладува во Македонија. Како такво подрачје за проучување, истражување и забележување е потребен подруг агол и се надевам дека ќе го предочам на читателската јавност во скоро време …

културно.мк– На што се должи ова мешање на двате модни стила и како е конципирана книгата ?

Големото влијание на отоманската култура врз облеката во Македонија се забележувало сè до последните години на 19 век. Со слабеењето на турската власт одредените закони поврзани со облеката веќе не се почитувале, а немуслиманското население станувало сè побогато и имало можност за купување на скапа облека, која претходно била резервирана само за муслиманската висока класа. Книгата сега издадена со наслов „АЛА ТУРКА-АЛА ФРАНГА“, изобилува со многу фотографии, кои даваат комплетна слика на текстот и на тој начин е поблиска на поголема читателска публика- дополнува авторот.

Книгата претставува вистински спој на историјата,културата, традицијата и модата во еден многу значаен историски период од ова време.