На почетокот на септември екипа на Народниот музеј од Велес под раководство на археологот Анита Василкова-Мидоска почна археолошко истражување на Кале кај велешкото село Стари Град. Ова е четврто истражување на овој локалитет по претходните три во 2005, 2006 и 2015 година.

Фокусот на истражувањето оваа година е кон откривање и евидентирање на урбаниот развој на населбата во античкиот период односно според материјалните докази од хеленистичкиот период па сѐ до доцната антика. Истражувањата се одвиваат на неколку места од просторот кој го зазема подградието на населбата, преку поставување сонди кои во функција на еден т.н. мозаичен пристап би овозможиле увид во одредени урбанистички и градежни карактеристики на локалитетот. Покрај геостратешко значење, тој ги има сите одлики на цивилно живеење.

Првите стручни сознанија за локалитетот, потекнуваат уште пред Втората светска војна, а на овој локалитет во минатото научниците се навраќале многупати и своите податоци во голема мера ги базирале на поединечни наоди и сознанија добиени од рекогносцирања и прелиминарни истражувања.

Интересот за континуирано истражување на овој локалитет се базира на сознанијата и резултатите од досегашните истражувања и според откриените материјални докази може да се констатира дека локалитетот има широка хронолошка рамка на егзистирање – од неолитот па се до крајот на средниот век, што укажува на место кое било привлечно и соодветно за живеење од најраните импулси на човековата цивилизација па сѐ до подемот на Отоманската империја на овие простори.Истражувањата на локалитетот ќе траат до крајот на септември