Со „Блокбастер“ – претстава со филмски кадри од 160 холивудски филма, утревечер во Македонскиот народен театар ќе почне 43-от Меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“ (МОТ), кој ќе се одржува до 28-ми месецов.

„Блокбастер“

Младинскиот културен центар, кој е организатор на МОТ, во својата информација до медиуми соопшти дека „Блокбастер“ или т.н. театарско НЛО, е претстава филм-пародија, создаден со повеќе од 1.400 кадри извадени од 160 холивудски филма.

 

Ќе гостува и Словенско младинско гледалишче со „Идиоти“ според сценарио на познатиот дански режисер Ларс фон Трир, претстава што едновремено е и смешна и критична, промислена, лесна и возбудлива. Германската претстава „Има уште“, пак, е експеримент и ново колективно кореографско искуство.

Новосадско позориште ќе го претстави на сцена текстот на Данило Киш „Гробница на Борис Давидович“ во режија на Александар Поповски на унгарски јазик. На програмата е и „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ за која МКЦ наведува дека е претстава што ги отвора дилемите колку соочувањето со вистината нѐ прави подобри луѓе.

Португалската театарска компанија на Жоа Гарсија Мигуел ќе се претстави со „Го убивме шугавото куче“ – дел од проектот „Африкански бранови“, кој ги спојува Португалија и Африка,. „Балканската маршрута“ ќе ја прикаже маршрутата по која се движел театарскиот и филмски режисер Франц фон Столхен, по чие сценарио маршрутата почнува како театарски перформанс, во кој документарното и фикцијата се неделиви.

Во деветте фестивалски дена „Млад отворен театар“ ќе се одвива на осум сцени низ Скопје – Македонски народен театар, Македонска опера и балет, „Кино Култура“, Македонска филхармонија, Универзална сала, Кино Фросина – МКЦ, Дансинг-сала во МКЦ и Драмски театар. Фестивалот ќе има и богата придружна програма.

Цената на билетите во претпродажба до 19 септември е 200 денари, а потоа за сите претстави ќе чинат по 300 денари.