Институтот за старословенска култура -Прилеп и општината Прилеп денеска и утре организираат меѓународен научен собир „Биогеографска целина Маркови кули: природни содржини и културни вредности“, со кој ќе се заокружи научната валоризација на локалитетот. Ќе се утврдат резултатите од досегашните истражувања како и утврдување на идните насоки за научноистражувачки активности кои треба да се во насока на  заштита, туристичка експлоатација и создавање база за заокружување на националниот и интернационалниот статус на Маркови кули.

Биогеографската целина Маркови кули кај Прилеп, како и охридскиот регион се единствените простори во Македонија што се наоѓаат на листата на заштитени подрачја на УНЕСКО. Од 2005 година Марковите кули се наоѓаат на привремената листа на заштитени подрачја на УНЕСКО со објективни потенцијали по спроведената постапка за позиционирање на постојаната листа на исклучително значајни региони во светот.

Туристичката експлоатација на овој простор се очекува да биде детерминирана со изработката на стратегијата за развој на туризмот. Овие, како и големиот број идни планирани активности се во функција на финализирање на постапката за донесување на планот за управување со заштитеното подрачје, како базичен документ за идните зафати на овој простор, но и подготовка за изработка на досие за номинација за постојаната листа на УНЕСКО како комплексен документ.