Авторката Гордана Хаџи Николова Малашев за скулптурата „Девојката од друга планета“ реализирана во дрво, е добитник на наградата посветена на мајсторот на современата македонска ликовна уметност- Владимир Георгиевски. Наградата, што ја доделува Здружението за култура „Транзен“, се состои од парична награда од 30 илјади денари и симболична минијатура – златен лист. Наградата се доделува во рамки на ликовниот проект „Жената како модел во ликовната уметност“, на кој оваа година се застапени дела на дваесет ликовни уметници.

Во жири-комисијата беа истакнатите Љупка Галазка Василев, ликовен уметник и педагог, Васил Михаил, актер и режисер и Никола Пијанманов, ликовен уметник.

Делата на учесниците на конкурсот ќе бидат претставени на изложбата што ќе се одржи во Галерија Музеј Струмица на 5 октомври. На неа ќе учествуваат уметниците: Владимир Лукаш, Зоран Кардула, Дамјан Ѓуров, Ване Костуранов, Ниче Василев, Гергана Ѕингарова, Верица Арапова, Славица Милева, Вангел Срнаков, Тони Попов, Гоце Илиевски, Владимир Илиевски, Гордана Хаџи Николова Малашев, Мирјана Крстева Масети, а вон конкуренција ќе бидат изложени делата на Атанас Мучев, Бранко Кончалиев, Момчило Петровски Момо, Стојан Пачов и Љупка Галазка Василев.