Вечер во 19.19 во „Салон 19:19“ при Културно информативниот центар во Скопје  ќе се одржи промоција на книгата „Белешки 88-014“ на проф. д-р Тихомир Стојков, во издание на издавачката куќа Авант прес од Скопје. Книгата ќе ја промовираат проф. д-р Ферид Мухиќ, и ликовниот уметник Александар Станковски.

Рецензентот проф. д-р Ферид Мухиќ за книгата вели :
„Импресионира начинот на кој сета ерудиција и огромните интердисциплинарни познавања собрани во оваа книга, авторот ги држи под контрола, без претенциозност, и ги усогласува со основната тема која од почеток до крај е – архитектурата! Теориски извонредно втемелена, методолошки оригинално и ефектно конципирана, книжевно возбудлива, естетски прочистена и уверлива, оваа книга претставува вистинско ремек дело за архитектурата, значаен прилог за најезиното автентично разбирање, со нагласен персонален печат и импресивни проблемски синтези.“

„Силна когнитивна енергија во ова филозофско-архитектонско дело му е посветена на овој херојски период од историјата на архитектурата, уметноста и на културата, модернизмот и постмодернизмот, нивната генеза, тенденции и консеквенции по човекот и по животот. Тука авторот сосема суптилно ни дава до знаење дека културата и човекот се само два аспекта на едно исто битие. И токму од оваа позиција тој ја развива својата мисловна градба дејствувајќи многу повеќе како морален подвижник, отколку како ловец на спектакуларни визури или, пак, прагматичар во која било профитерска смисла. Во таа чудесна мисловна катедрала посветена на човекот, просторот и на животот, авторот сака да експериментира со формата, па, напати, внесува драмски и поетски структури акцентирајќи одредени сегменти, кои имаат посебно значајна магнитуда за прашањата на хуманоста и на почитувањето на традицијата“ – пишува во својата рецензија Александар Станковски

Тихомир Стојков бил претседател на Асоцијацијата  на архитекти на Македонија (ААМ) 1997-2000 година, а потоа член на комисијата на ААМ за односи со странство 2000-2003 година. Во мандатниот период 2009-2013 година бил декан на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од јуни 1988 година до декември 1990 година престојувал во Австралија каде што одржал неколку предавања на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Мелбурн и на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Ѓилонг. За време на престојот во Австралија работел во три реномирани проектантски куќи (Blomquist&Wark Pty. Ltd., Daryl Jackson Pty Ltd. и Hassel Architects Pty. Ltd.).
Во јануари 1995 година, по директна покана од Архитектонскиот факултет, оддел за еколошка архитектура при Државниот универзитет на Аризона, во Темпи, во својство на гостувачки истражувач одржал неколку предавања и ги направил завршните истражувања за докторската дисертација.
Добитник е на две специјални награди од стручното жири на Биеналето на македонската архитектура – БИМАС 1991 година за семејните куќи Jordan’s House и Georges House, проекти што ги реализирал за време на својот престој во Австралија.